Најмалку 19 лица се убиени, меѓу кои 18 напаѓачи и еден војник, во напад на претседателскиот комплекс во Чад, соопштија владини извори.
Меѓу повредените има шест напаѓачи и тројца војници, изјави владиниот портпарол и министер за надворешни работи Абдераман Куламала на националната телевизија, пренесува Танјуг.
Првичните извештаи сугерираа дека нападот го извршила вооружената група Боко Харам, но министерот за надворешни работи подоцна рече дека тоа „веројатно не е така“, наведувајќи дека напаѓачите биле членови на вооружена група од област во Нџамена.
Владата на Чад соопшти дека ситуацијата во главниот град моментално е под контрола.
„Појас за државен удар“
Инцидентот се случи неколку часа по посетата на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Чад, земја без излез на море во централна Африка, која се стекна со независност од Франција во 1960 година, има чести периоди на нестабилност и борби, последниот меѓу владините сили и Боко Харам.
Чад ја прекина воената соработка со Франција во ноември, што Куламала го нарече потег што ќе и овозможи на земјата „да го потврди својот целосен суверенитет“.
Оваа земја исто така се наоѓа во регион познат како „Појас на удари“ поради серијата воени удари што се случија од 2020 година во земји како Мали, Нигер и Судан.
Претседателот на земјата, Махамат Деби, беше назначен на функцијата од војската во 2021 година, откако неговиот татко Идрис Деби беше убиен во борбите со бунтовничките сили по 30 години на власт.