Мајките да бидат упорни, доењето носи придобивки што не можат да се надоместат (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Мајчиното млеко е незаменливо во исхраната на новороденчињата и претставува најдобра заштита за нивниот правилен раст и развој, порачуваат здравствените работници од Општата болница Куманово по повод Светската недела на доењето.

Тие нагласуваат дека и покрај напредокот на млечните формули, ниту една не може целосно да ги замени хранливите и заштитните својства на мајчиното млеко, а од септември во болницата повторно ќе започне со работа и школата за родителство, каде идните родители ќе добиваат практична едукација за бременоста, породувањето и доењето.

Неонатологот д-р Александра Христова вели дека мајчиното млеко и понатаму останува „златен стандард“ во исхраната на новороденчињата, бидејќи содржи компоненти кои не можат да се надоместат со вештачка исхрана.

– Мајчиното млеко отсекогаш, денеска и засекогаш ќе биде златен стандард во исхраната на едно новородено. Тоа претставува комплексна течност богата со нутритивни компоненти и биоактивни молекули, како што се имуноглобулини, витамини и минерали, но и клетки како стем-клетки, леукоцити, макрофаги и добри бактерии од типот на лактобацили, вели Христова.

 

 

Таа објаснува дека особено значајно е првото мајчино млеко – колострумот, кое се создава во првите денови по породувањето и има исклучително важна улога во развојот на имунитетот кај новороденчето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  54-годишен Швајцарец се обидел да внесе марихуана преку Табановце

– Мајчиното млеко, поготово првото млеко – колострумот, тоа е она мајчино млеко што прво се создава, кое е мало по количина, но е богато со протеини. Тоа е потребно во првите четири до пет дена по породувањето и ние го нарекуваме прва вакцина за тоа новородено, истакнува Христова.

Според неа, иако фармацевтските компании постојано ги усовршуваат млечните формули, тие сè уште не можат да го заменат природниот состав на мајчиното млеко.

– Иако фармацевтските компании се трудат да направат соодветна формула што ќе обезбеди нутритивен внес за новороденото, сепак не го заменуваат во целост мајчиното млеко, бидејќи дел од клетките и имуноглобулините сè уште ги нема во млечните формули, а тие се многу важни за имунолошката состојба кај новороденото, додава таа.

 

 

Христова потенцира дека големо влијание има и исхраната на мајката за време на бременоста и доењето.

Таа препорачува разновидна и избалансирана исхрана со овошје, зеленчук, протеини и природни јаглехидрати, наместо рестриктивни режими кои ги исклучуваат одредени групи на намирници.

Во болницата паралелно се работи и на повторно отворање на школата за родителство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Почнува 52. Ликовна колонија „Куманово 2026“, учествуваат 13 уметници од пет земји

Одговорната медицинска сестра на Одделението за акушерство, Албина Мемети, информира дека просторијата веќе се подготвува, а со работа ќе започне од 1 септември.

– Во моментов ни се врши опремување на соба за едукација за бремените жени. Тука ќе има психо-физичка припрема за бремените жени за породување, начин на породување, нега на новороденото и ќе имаме обука на техники за доење. Во план ни е од 1-ви септември да стартуваме со собата и сите ќе бидат информирани кога ќе започнеме, а термините ќе се закажуваат преку мобилен телефон, вели Мемети.

 

 

Таа очекува голем интерес од идните мајки, бидејќи ваквата едукација успешно функционирала и во минатото.

– Јас им кажувам на сите мајки да не се откажуваат, ќе имаат поддршка и од нас акушерките и лекарите во болницата, бидејќи мајчиното млеко е нешто најдобро и најздраво за новороденото и да не се откажуваат никогаш, порачува Мемети.

Медицинската сестра од интензивна нега Сандра Цаневска-Трајковска објаснува дека доколку мајката и новороденчето се во добра здравствена состојба, првото доење започнува уште во првите половина час по породувањето.

– Доколку мајката и новороденото се во добра состојба, во првите триесет минути веднаш по раѓањето акушерката е таа што го поставува новороденото за доење. Особено е важно мајката да знае како правилно да го постави бебето, а доколку има потешкотии, одделенските сестри се тие што помагаат околу доењето и техниките на измолзување, вели Цаневска-Трајковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  54-годишен Швајцарец се обидел да внесе марихуана преку Табановце

 

 

Таа додава дека здравствениот персонал им стои на располагање на мајките и по породувањето, со цел успешно да го продолжат доењето и во домашни услови.

– Процентот на поставување на доење изнесува 80,3 веднаш во првите 30 минути по раѓањето, а при исписот процентот е околу 60,2. Потребна е упорност од страна на мајката, како и поддршка од акушерките, кои ќе помогнат за начинот на доење за да може една мајка да успее околу доењето, истакнува Цаневска-Трајковска.

Според препораките на Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Комитетот за доење, се препорачува исклучиво доење во првите шест месеци од животот, а потоа продолжување со доење заедно со дополнителна исхрана до две години или подолго.

Од Министерството за здравство потсетуваат дека создавањето услови за успешно доење е заедничка одговорност на здравствените работници, институциите, семејствата и целата заедница, бидејќи претставува инвестиција во здравјето на идните генерации.

Никола Ивановски