Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нејзини претставници извршиле проверка на оштетената кула за ладење во нуклеарната централа Запорожје во Украина, но не можеле веднаш да ја утврдат причината за пожарот што избувна викендов.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за подметнување пожар во огромна неактивна нуклеарна централа во Украина, при што Русија обвини за напад со беспилотно летало, а Украина вели дека најверојатно се работи за руско невнимание или подметнување пожар.
Тимот на МААЕ не најде непосредни докази за остатоци од беспилотни летала и оцени дека е малку веројатно дека примарниот извор на пожарот бил во основата на разладната кула, се вели во соопштението на МААЕ на својата веб-страница.
„Тимот не беше во можност да донесе конечни заклучоци (за причината за пожарот) врз основа на досегашните наоди и набљудувања“, соопшти агенцијата.
Ниту Москва ниту Киев не пријавиле знаци на зголемено зрачење.
МААЕ соопшти дека штетата најверојатно била концентрирана внатре во кулата, на ниво на дистрибуција на воден млаз, на висина од приближно 10 метри.
„Нуклеарната безбедност на централата не е загрозена, бидејќи кулите за ладење во моментов не се во функција“, соопшти МААЕ.
Русија ја зазеде централата во Украина набргу по започнувањето на целосна инвазија на својот сосед во 2022 година, што ја нарекува „специјална воена операција“.