Епидемиолошката ситуација во Кина останува под контрола и во опсегот на предвидувањата, а на повидок е крајот на пандемијата на Ковид-19, изјави кинескиот амбасадор во Русија Џанг Ханхуи во интервју за ТАСС.
„Судејќи според развојот на епидемиолошката ситуација во Кина, може да се заклучи дека таа отсекогаш била предвидлива и контролирана и така ќе остане“, рече Џанг.
Амбасадорот додаде дека „целосна победа над пандемијата е на повидок“ и дека Кина е убедена дека нејзината оптимизирана политика против коронавирусот има добри изгледи.
Кинескиот дипломат додаде дека главниот град Пекинг е „меѓу првите градови во Кина, каде што бранот на коронавирусот го помина својот врв“, како и дека главниот град „постепено се враќа во својот нормален ритам на градски живот и производство“ бидејќи „како што се приближува кинеската Нова година, празничната атмосфера се чувствува насекаде во земјата“.
Тој исто така изјави дека САД и другите западни земји се обидуваат да ја обвинат Кина дека ја губи контролата над пандемијата и дека таквите тврдења се обични шпекулации.
„Всушност, тие отсекогаш имале пристрасен однос кон Кина: прво тврдеа дека кинеските мерки против КОВИД се премногу строги, а сега ја критикуваат Кина за олеснување на контролите. Ова е навистина смешно“, рече Џанг.
Амбасадорот додаде дека новите мерки на неговата земја против коронавирусот добија широка поддршка и признание меѓу членовите на меѓународната заедница, пренесува ТАСС.