Маж во Велика Британија се изјасни за виновен за дрогирање и сексуално злоставување на својата сопруга во текот на 20 години, а призна и дека извршил 60 кривични дела во тој период, јавуваат светските медиуми.
Обвинетиот, чие име не е објавено за да се заштити анонимноста на жртвата, признал 60 обвиненија пред Крунскиот суд во Манчестер, вклучувајќи 21 обвинение за силување и споделување интимни фотографии од неговата жртва, објавува Гардијан.
Мажот (60), кој пред апсењето живеел во Стокпорт, Голем Манчестер, се изјасни за виновен во јуни по 15 точки од обвинението поднесено против него, а денес ги призна преостанатите 45 точки од обвинението.
Обвинетиот претходно се изјасни за виновен и за споделување интимни фотографии или видеа од неговата сопруга, без нејзина согласност, за сексуално задоволување.
Неговата отуѓена сопруга седеше во првиот ред од преполната судница со други членови на семејството додека тој сведочеше.
Обвинувања за злоставување на истата жена
Различните обвиненија, кои се однесуваат на истата жена, беа одбиени од 12 други обвинети.
Помошникот началник на полицијата во Голем Манчестер, Рик Џексон, изјави дека фокусот на полицијата „останува на поддршка на жртвата на оваа ужасна кампања на злоупотреба преку многу сложена истрага“.

