Американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се среќаваат во Саудиска Арабија пред разговорите за ставање крај на војната во Украина, кои ќе се одржат без Киев и неговите европски сојузници, јавува Си-Ен-Ен.
Други американски претставници кои присуствуваа на разговорите во Ријад се советникот за национална безбедност Мајк Волц и пратеникот за Блискиот Исток Стив Виткоф.
На руска страна се високи политички, разузнавачки и економски фигури, вклучувајќи го и шефот на државниот фонд, Кирил Дмитриев, кој одигра клучна улога во неодамнешниот договор за ослободување на затворениците во САД.
Според пишувањата на медиумите, преговорите се водат во една од палатите на кралското семејство, Дирија во комплексот Албасатин.
Лавров рече дека разговорите ќе имаат за цел да го завршат „ненормалниот период“ во односите меѓу двете „големи сили“.
Дискусијата, исто така, може да постави основа за потенцијална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Европските лидери, кои изразија вознемиреност поради тоа што не се поканети на потенцијално клучните преговори, одржаа итен состанок за Украина во понеделникот во Париз.
Нивниот собир дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европа да ги здружи силите за да создаде обединета воена и надворешна политика, предупредувајќи дека деновите на загарантирана американска поддршка за континентот завршија.