Годишно во светот се произведуваат 460 милиони тони пластика

Сподели со своите пријатели

Годишно во светот се произведуваат 460 милиони тони пластика, таа бројка е двојно зголемена за десет години и не покажува тренд на намалување, пренесуваат податоците на France24 од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), по повод Денот на животната средина, кој се слави во понеделник.

Loading...

Од 2000 до 2019 година тој број е повеќе од двојно зголемен и нема знаци за пад на производството, па доколку не се преземат мерки, глобалното производство ќе се зголеми речиси тројно до 2060 година, достигнувајќи 1.231 милиони тони пластика.

Во 2019 година во светот се произведени 353 милиони тони пластичен отпад

Според ОЕЦД, пет години е максимален животен век на речиси две третини од пластиката што се произведува секоја година.

Претежно користена за пакување храна (31 отсто) и текстил и стока за широка потрошувачка (20 отсто), оваа пластика често завршува како отпад по една или само неколку употреби.

Во 2019 година во светот беа произведени 353 милиони тони пластичен отпад.

Уделот на отпадот драматично варира во различни земји и групи: 21 отсто доаѓа од САД, а 28 отсто доаѓа од други земји на ОЕЦД, додека 19 отсто доаѓа од Кина и 5 отсто од Индија.

Останатите 27 проценти доаѓаат од остатокот од светот.

Евростат: Просечно едно лице во Европа произведува 35 килограми пластичен отпад годишно

Просечното количество пластичен отпад произведен по лице годишно во Европа е 35 килограми, според Евростат.

Loading...

Таа бројка одговара на приближно 1.000 шишиња со капацитет од 500 ml.

Севкупно, во ЕУ годишно се произведуваат околу 30 милиони тони пластичен отпад.

Девет проценти е процентот на пластичен отпад рециклиран на глобално ниво во 2019 година, според ОЕЦД.

Половина од преостанатиот пластичен отпад оди на депониите, 19 отсто се согорува, а 22 отсто се отстранува во природа или согорува на отворено. Вкупно 22 милиони пластични предмети секоја година завршуваат во природа.

Пластиката значително придонесува за климатските промени

Пластиката придонела 3,4 отсто во глобалните емисии на стакленички гасови во 2019 година, според ОЕЦД.

Освен што создава загадување, пластиката значително придонесува за климатските промени.

Повеќето од овие емисии доаѓаат од производството и преработката на фосилни горива, бидејќи повеќе од 99 проценти од пластиката е добиена од нафта, гас и јаглен.

Ако нивната употреба продолжи да се зголемува, како што е предвидено, емисиите поврзани со пластиката ќе сочинуваат 15 отсто од вкупните глобални емисии на јаглерод до 2050 година, според проценките на Хјуман рајтс воч.

Loading...

Се проценува дека меѓу 400.000 и еден милион луѓе во земјите во развој годишно умираат од болести поврзани со лошо управување со отпадот, особено од отровните испарувања што се испуштаат од согорувањето на пластичен отпад, се наведува во студијата на британската агенција Tearfund.

Пластика во океанот

Во водната средина, 139 милиони тони пластичен отпад се акумулирале помеѓу 1970 и 2019 година, според ОЕЦД, од кои 109 милиони тони во реките и езерата и 30 милиони тони во океаните.

Се проценува дека секоја минута пластика еднаква на волуменот на камион за ѓубре завршува во океанот.

100.000 морски цицачи умираат секоја година од голтање или заплеткување во пластика, според различни студии.

Покрај мрежите и пластичните кеси, океанот преполни со микропластика – ситни парчиња со дијаметар помал од 5 мм кои се резултат на распаѓање на кеси, шишиња, гуми, догорчиња од цигари, влакна од облека и друго.

Сините китови внесуваат 10 милиони парчиња микропластика дневно, според студијата објавена во Nature во 2022 година.

Луѓето внесуваат пет грама пластика секоја недела, што е еквивалент на кредитна картичка, според австралиската студија објавена во 2019 година.