Германија: Кој и како треба да штеди енергија?

Сподели со своите пријатели

Од следната недела во Германија важат нови прописи за заштеда на енергија, пишува ДВ.

Loading...

Федералната влада издаде две регулативи засновани на Законот за обезбедување на снабдување со енергија.

Првиот е со важност од 1 септември до 28 февруари следната година, а вториот стапува на сила на 1 октомври и е со важност од две години – допрва треба да го потврди горниот дом на германскиот парламент, Бундесрат.

Според министерот за економија Роберт Хабек, целта на новите регулативи е „со национални напори“ да се „заштеди многу повеќе гас“ во следните две грејни сезони.

Ова се однесува на домаќинствата, деловните субјекти и јавните институции.

Кој треба да заштеди во Германија и како? Еве брз преглед:

Пониска температура и во становите под кирија

Од септември привремено е укината одредбата во договорите за закуп на станови, според која подстанарите се обврзани да одржуваат одредена минимална температура во станот.

Тоа значи дека станарите во Германија ќе можат да греат помалку доколку сакаат да заштедат енергија.

Сепак, тие и понатаму остануваат должни „да спречат оштетување на имотот под кирија со соодветно греење и вентилација“.

Loading...

Греење на приватни базени во Германија

Приватните базени – и на отворено и на затворено – не смеат повеќе да се загреваат на гас или струја. Исклучок е ако базенот се користи за терапевтски цели.

Оваа забрана не важи за базени во хотели, јавни бањи и центри за рехабилитација.

Максимална температура на јавни површини во Германија

Во јавните згради, работните простории може да се загреваат до максимум 19 степени целзиусови – а доколку се врши физичка работа во тие простории, температурата може да биде уште помала.

Јавните згради во Германија по можност повеќе нема да имаат загреани коридори, големи сали и простории со опрема.

Ова правило не важи за болниците, домовите за стари лица и другите социјални институции.

Топла вода во јавни згради

Во јавните згради, бојлерите за мијалници што се користат за миење раце, исто така, повеќе нема да смеат да се вклучуваат. Исклучок е ако е потребна топла вода од хигиенски причини.

Онаму каде што водата се загрева централно, температурата мора да се намали. Исклучок се училиштата, градинките, домовите за стари лица и болниците.

Осветлување на згради и споменици

Повеќе нема да се дозволи осветлување на објекти и споменици од чисто естетски причини.

Loading...

Исклучок е осветлувањето кое трае пократко, на културни настани и други свечености.

Осветлувањето од безбедносни причини сѐ уште е дозволено.

Реклами, излози и врати

Осветлените реклами мора да бидат исклучени од 22:00 до 06:00 часот, со исклучок ако се неопходни за безбедност во сообраќајот, на пример на автобуски постојки.

Забраната за осветлување важи и за излозите. А ако дуќаните се греат, меѓу септември и крајот на февруари повеќе не смеат да имаат отворени врати постојано.

Должност за информирање на станарите

Дистрибутерите на гас и сопствениците на поголемите станбени згради мора навремено да ги информираат своите корисници, односно станарите за трошоците што ќе ги имаат за енергија, како и за можностите за заштеда.

Тоа мора да се направи најдоцна пред почетокот на грејната сезона.

Контрола на системот за греење и потрошувачката на енергија

Од 1 октомври стапуваат на сила натамошните мерки. Тие се однесуваат на јавни, приватни и деловни објекти.

Предвидена е, меѓу другото, задолжителна контрола на системот за греење на гас еднаш годишно.

Loading...

Неефикасните системи за греење кои користат премногу гас мора да се заменат.

Компаниите со потрошувачка поголема од 10 гигават-часови годишно се должни да спроведат мерки за порационална потрошувачка на енергија.

Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.