Од понеделник ќе започнат градежни активности за реконструкција на дел од улицата „425“, на патниот правец кон кумановското село Тромеѓа, информираат од Општина Куманово.
Поради изведувањето на градежните работи, ќе има промена и во одвивањето на општинскиот линиски превоз на патници на релацијата Бедиње – Тромеѓа, односно автобуската линија број 8 нема да сообраќа по досегашната траса и утврдениот возен ред.
Наместо по улицата „425“, автобусите ќе се движат по улицата „400“, сè до создавање услови за нормално и безбедно одвивање на сообраќајот по улицата на која ќе се изведуваат градежните активности.
Од Општина Куманово апелираат до граѓаните да бидат внимателни и трпеливи, како и да покажат разбирање за привремените измени во сообраќајот за време на реконструкцијата.
Никола Ивановски

