ЕУ треба да ги разгледа санкциите против Хамас и израелското насилство на Западниот Брег

Сподели со своите пријатели

Европската унија треба да размисли за заострување на санкциите кон Хамас и неговите методи на финансирање, како и воведување санкции за израелските доселеници одговорни за насилството на Западниот Брег, се наведува во документот подготвен за министрите за надворешни работи на дипломатската служба на ЕУ.

Loading...

Меморандумот, кој го виде Ројтерс, ги поставува опциите што министрите треба да ги разгледаат на состанокот во Брисел во понеделник, со цел да се најде решение за израелската војна со Хамас во Појасот Газа, како и да се подготват за повоениот период.

ЕУ веќе го означи Хамас како терористичка организација, што значи дека сите средства што ги има во ЕУ треба да се замрзнат, но исто така може да ги зајакне санкциите против таа милитантна организација и други терористички групи, особено кога станува збор за финансиите, забележува и додава дека ЕУ би можела да воспостави специјална програма за санкции посветена на Хамас.

Одлуките за санкциите на ЕУ бараат одобрение од сите 27 земји-членки, кои се обидуваат да се договорат за актуелната криза, бидејќи многумина имаат различни ставови за израелско-палестинскиот конфликт.

Франција и неколку други земји од ЕУ објавија дека веќе работат заедно на зајакнување на предлозите за воведување санкции на командантите на Хамас, пред се во форма на замрзнување на имотот и забрана за патување.

Високи претставници на ЕУ, вклучително и високиот претставник за надворешни работи и безбедност, Јосеп Борели, исто така изразија загриженост поради растечкото насилство на израелските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, пренесува Танјуг.

Документот за дискусија подготвен од Европската служба за надворешни работи и други претставници на ЕУ сугерира дека одговорот на ЕУ може да вклучи забрана за патување од ЕУ за одговорните и други санкции за кршење на човековите права.