Претседателот на СДСМ, Зоран Заев доби едногласна поддршка од коалициските партнери од здружената опозиција да не се учестува на предвремените избори на 24 април, соопштува Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.
На вечерашната средба на претседателот Заев со коалициските партнери, на којашто присуствуваше и Стево Пендаровски, била изразена единственост во позициите за чекорите што се преземаат и ќе се преземаат во врска со политичката ситуација во земјава.
СДСМ и коалициските партнери се одлучни за спроведување фер и демократски избори. Избирачкиот список мора да се прочисти. Мора да се обезбеди професионално известување на медиумите. Само такви избори се во интерес на граѓаните и на Македонија и само на такви избори ќе учествува опозицијата. За СДСМ и коалициските партнери не се прифатливи избори на 24 април. СДСМ и здружената опозиција нема да учествуваат на избори организирани на 24 април. Во врска со учеството на министрите и замениците министри на опозицијата во Владата констатирано е дека таа одлука е донесена од централните органи и тела на партиите од здружената опозиција. Централните органи и тела на партиите од здружената опозиција штом ќе донесат одлука за учеството во Владата, ќе и биде соопштена на јавноста, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Loading...