Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги повикува лидерите на политичките партии да најдат решение за политичката криза во рамките на договорот што беше постигнат на 2 јуни во Скопје со посредство на Европската унија и САД.
„ДУИ смета дека договорот постигнат на 2 јуни 2015 година со помош на нашите меѓународни партнери продолжува да биде добра основа за надминување на кризата.
Затоа, ги повикуваме лидерите на политичките партии во земјата сериозно да размислат за можноста да се најде решение во рамките на договорот постигнат на 2 јуни 2015 година, со надминување на тесно партиските интереси и ставањето на интересите на граѓаните и на земјата на прво место. Ги покануваме меѓународните партнери да продолжат со ангажманот и да не губат доверба во капацитетот, волјата и посветеноста на лидерите за надминување на кризата“, се вели во соопштението од партијата.
ДУИ во петокот одржа Централно претседателство на партијата по неуспехот на преговорите на политичките партии во Брисел, на кои се разгледуваше позицијата на партијата по овие случувања.
И покрај најавите во медиумите дека ДУИ ќе ја напушти владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, за ова прашање ќе одлучува Централниот одбор како највисоко тело на партијата.
Претседателството на ДУИ, исто така ја разгледа позицијата на ДУИ наспроти последните случувања и одлучи дека е важно ова прашање да се постави пред Централниот одбор како највисоко тело на партијата да одлучува оставајќи ги сите опции отворени за позицијата на ДУИ во иднина“ додаваат од партијата.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) во петок го објави целиот Договор што четворицата партиски лидери, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД Џес Бејли, го потпишаа на 2 јуни во резиденцијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје.