Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска пристигна во нуклеарната централа Курск, за која Москва соопшти дека повеќепати била нападната од украинските сили, кои се оддалечени само околу 40 километри од централата, откако влегле во нуклеарната електрана на 6 август.
Гроси пред заминувањето во нуклеарната централа Курск изјави дека единствен начин да се процени безбедноста на централата е да се посети нуклеарната централа, која е во сопственост на руската државна корпорација за атомска енергија Росатом.
„Безбедноста на нуклеарните постројки не смее да биде загрозена под никакви околности. Безбедноста на сите нуклеарни централи е главната грижа на МААЕ“, рече Гроси, пренесе Ројтерс.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ја обвини Украина дека се обидува да ја нападне нуклеарната централа Курск.
На 6 август, украинските сили ја пробија границата и зазедоа дел од руската област Курск, а руската војска објави дека нивното напредување е запрено и дека ќе ги протера украинските војници од нивната територија.
Нуклеарната централа Курск се наоѓа на само 40 километри од борбите, веднаш до градот Курчатов, кој го носи името на рускиот физичар Игор Курчатов.
МААЕ на 22 август соопшти дека била информирана од Русија дека на околу 100 метри од складиштето за нуклеарно оружје во централата биле пронајдени остатоци од дрон.
Според руските станици за следење на радијацијата, нивото на радијација во таа област било нормално.
Од четирите реактори во Курск од советската ера, два се исклучени, но два реактори — бр. 3 и бр. 4 — се во функција.
Реакторот бр. 4 беше исклучен на 25 август поради поправки на системот за ладење.