Царинска Управа на РМ: КАНАЛ 5 води континуирана хајка и пласира неточни информации

Сподели со своите пријатели

Царинската Управа на РМ со писмено соопштение упати остра критика против редакцијата на КАНАЛ 5, поради како што е нагласено, хајката која новинарскиот и уредничкиот тим на Канал 5 телевизија ја води против Царинската управа, преку серија прилози што се објавуваат од декември 2014 година во континуитет.

Loading...

Злоупотребувајќи го медиумот, Канал 5 телевизија неточно ја информира јавноста од причини познати само на уредничкиот тим на споменатата телевизија, реагираат од Царинска Управа.

Информации дека многу компании ќе пропаднат поради големото чекање на македонските царински терминали, дека царината пуштила во функција систем кој не е оперативен, дека и покрај промоцијата на новиот компјутеризиран транзитен систем, истиот не функционира, дека контролите кои ги врши Царинска управа немаат никаков ефект, дека царинската управа не знае колку патнички моторни возила се оцаринети како товарни, наводи дека Царината не дава изјави, ниту детални податоци за системот итн., се само дел од тенденциозно-злобните и без никаква аргументација изнесени ставови на новинарскиот и уреднички тим на Канал 5 телевизија.

Без воопшто да побараат информации од Царинската управа, или во ретките случаи кога ќе го сторат тоа, без да ги дочекаат одговорите,  новинарите и уредниците на Канал 5 многу пристрасно, неточно и субјективно ги обработуваат темите поврзани со царинското работење. Покрај тоа, иако скоро на секој нивни прилог, Царинската управа испраќа реакции и одговори на недоумиците, ставајќи им ги на располагање точните податоци и информации и официјално демантирајќи ги наводите на кои се повикуваат и иако врз основа на принципите на однесување и етичките вредности, согласно член 3 од Кодексот на новинарите, треба да настојуваат да обезбедат објавување на исправка, демант и одговор, Канал 5 телевизија ниту еднаш не ги објави реакциите и официјалните податоци доставени од Царинската управа.

Во серијата прилози насочени против Царинската управа, Канал 5 телевизија, во спротивност со принципите на однесување и етичките вредности на Кодекот на новинарите објавува информации повикувајќи се на неофицијални внатрешни извори во Царината, кои се неточни, паушални и тенденциозни.

Сметаме дека преку начинот на кој се обработуваат и оформуваат прилозите и изборот на скандалозни најави и наслови како што се:

  • Царината не знае колку товарни возила се употребуваат како патнички;
  • Царината молчи – колку патнички возила се впишани како товарни;
  • Во Битола и Охрид се продава алкохол без бандероли – акциите на Царината без ефект;
  • Во време на „жетва“ скромни улови на дрога на границите;
  • Транспортерите нервозни – чекањето на граничните премини му наштетува на бизнисот;
  • Терминалите и натаму преполни – се чека да профункционира новиот систем за царинење.

Канал 5 телевизија отворено се обидува да и наметне став на јавноста дека Царинската управа е нестручна, некомпетентна, затворена и бирократска, се вели во соопштението на Управата.

Сметаме дека ваквото однесување е спротивно на етичките и професионалните норми во новинарството, како и на Кодексот на новинарите на Македонија, според кој во пренесувањето на информациите новинарите треба да бидат чесни, објективни и точни.

Царинска Управа бара од Здружението на новинари на Македонија и Македонската асоцијација на новинарите,  како и од професионални организации да ги преземат сите мерки кои се во нивна надлежност да се санкционира ваквото непрофесионално новинарско однесување.