Проширувањето останува главен приоритет на Европската унија – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на неформалниот состанок со лидерите на Западен Балкан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Борел посочи дека Западен Балкан е составен дел од иднината на Европа, нагласувајќи ја силната поврзаност меѓу ЕУ и Западен Балкан и повтори дека членството во ЕУ е на дофат, под услов клучните реформи да се спроведат со обновен фокус – ЕУ, соопшти дипломатската служба.
Дискусијата, наводно, била фокусирана на итни геополитички предизвици, особено на штетното влијание на руската агресија врз Украина и на напорите на Кина да го прошири своето економско влијание.
„Високиот претставник Борел и лидерите од Западен Балкан разговараа за важноста од зајакнување на отпорноста, нагласувајќи ја потребата од стратешко усогласување со Европската унија со цел да се зачува регионалната стабилност.
Средбата беше можност да се потсетиме на потребата од решавање на постоечките билатерални спорови, се вели во соопштението.
„Лидерите мора да донесат храбри, стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации“, рече Борел.
Во соопштението на службата за надворешна политика на ЕУ се наведува и дека годишниот собир ја одразува „посветеноста на Европската унија за нашето партнерство со Западен Балкан – нашите идни земји-членки“.
Тоа е повод за размена на мислења за прашања од заеднички интерес, надвор од проширувањето, за прашања од глобалната безбедност и стабилност“, се наведува во соопштението.
На средбата со шефицата на европската дипломатија присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, претседавачот со Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ, косовската претседателка Вјоса Османи, македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и црногорскиот вицепремиер за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ.