Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп замрзна 2,2 милијарди долари субвенции за престижниот универзитет Харвард, бидејќи одби да ги исполни барањата на Белата куќа.
Харвард, како и другите американски универзитети, беше место на студентска мобилизација против израелската војна во Појасот Газа, а сега е цел на Белата куќа по враќањето на Трамп на власт.
„Заедничката работна група за борба против антисемитизмот најавува замрзнување на повеќегодишни субвенции од 2,2 милијарди долари“, се вели во соопштението на американското Министерство за образование, додавајќи дека ќе следи и замрзнување на „повеќегодишни договори во вредност од 60 милиони долари“.
„Пореметувањето во учењето кое ги мачеше студентските градови во последните години е неприфатливо. Вознемирувањето на еврејските студенти е неподносливо. Време е елитните универзитети сериозно да го сфатат проблемот и да се посветат на значајни промени доколку сакаат да продолжат да имаат корист од поддршката од даночните обврзници“, се вели во соопштението.
Американската влада кон крајот на март објави дека размислува да му го одземе федералното финансирање на престижниот универзитет од околу 9 милијарди долари по „сеопфатен преглед“, обвинувајќи го дека дозволил да процвета „антисемитизмот“ во неговиот студентски град.
На почетокот на април, американската влада упати неколку барања до раководството на Харвард, вклучително и укинување на политиките насочени кон промовирање на различноста и промени во програмите кои „го поттикнуваат антисемитското вознемирување“, се вели во писмото објавено од Вашингтон пост.
Во писмото до студентите и професорите, претседателот на Универзитетот Алан Гарбер изјави дека Харвард „нема да се откаже од својата независност и уставно загарантираните права“.
„Ниту една влада, без оглед на партијата на власт, не треба да им диктира на приватните универзитети што мора да предаваат, кого можат да се запишат и вработуваат или за кои предмети можат да истражуваат“, се вели во неговото писмо.