Администрацијата на Трамп сака брзо да постигне рамковен договор за украинските минерали со властите во Киев и подоцна да преговара за деталите од договорот.
Важно е Трамп да им покаже на граѓаните на САД дека Вашингтон добива надокнада за помошта за Украина, пишува Ројтерс, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Посебен анонимен извор додаде дека Украина е отворена за договор за минерали со САД, под услов да не е толку неповолен како првичниот предлог на Трамп.
Претставникот на Трамп за Украина, Кит Келог, оваа недела е во Киев за да преговара за условите од договорот за минерали и се очекува денеска да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На прашањето дали американските власти ќе продолжат да инсистираат на договор за минерали со Украина, советникот на Трамп, кој сакаше да остане анонимен, одговори потврдно, додавајќи дека Вашингтон мора да го врати Зеленски „во реалноста“.
САД обезбедија воена помош од десетици милијарди долари за Украина во изминатите три години, а Трамп рече дека американските инвестиции во украинските минерали би можеле да обезбедат „дека овие пари ќе ги вратиме во некоја форма“.
Трамп е незадоволен од тоа што најголемиот дел од американската помош за Украина била во вид на донации, додека Европа, како што истакна, првенствено давала заеми и на тој начин се погрижила да си ги врати парите од властите во Киев.
Преговорите за минерали остануваат во тек и покрај се поголемиот јаз меѓу Трамп и Зеленски.
Трамп го нарече Зеленски диктатор кој владее без избори, додека украинскиот претседател рече дека Трамп „живее во простор на руска дезинформација“.