Петковска: Вештачката интелигенција ја потиснува природната интелигенција кај младите (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Вештачката интелигенција сè повеќе се користи меѓу младите, но нејзината прекумерна употреба може негативно да влијае врз развојот на критичкото размислување и самостојното учење, смета Ангела Петковска, наставник по македонски јазик и литература.

Според неа, современите алатки можат да бидат корисни, но само доколку се користат како помошно средство, а не како замена за сопствениот интелектуален ангажман.

– Многу мои ученици и колеги ја употребуваат вештачката интелигенција, и јас да, меѓутоа јас само како помошна алатка. Ама не значи дека сето тоа таму што е напишано е точно. Некако им е полесно бргу и лесно да дојдат до информација, а квалитетот и вистинитоста на таа информација останува во втор план, вели Петковска.

 

 

Таа додава дека токму поради масовната употреба на ваквите алатки престанала да задава домашни задачи.

– Таа вештачка интелигенција ја скратува природната интелигенција на луѓето, посебно на младите, на учениците. Јас навистина веќе кренав раце, не давам никакви домашни затоа што секогаш добивам иста домашна задача од 15-20 ученици. Реков дека ќе ја поттикнувам и ќе ја оценувам само нивната природна интелигенција, додава таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ТППЕ Куманово доби три нови возила за гаснење пожари (ФОТО)

Петковска нагласува дека младите треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција не може да биде замена за знаењето стекнато преку сопствен труд.

– Нека ја користат вештачката интелигенција, ама нека бидат свесни дека тоа треба да биде само алатка, дека не може некој друг да мисли наместо нив и тоа е само повремено и привремено знаење, а не трајно знаење и вистинско, вели наставничката.

Во разговорот таа се осврна и на состојбата со македонскиот јазик, оценувајќи дека неговата употреба станува сè посиромашна под влијание на англизмите и современите трендови.

– Има една заблуда кај младите луѓе дека нашиот македонски јазик не е доволно богат, па тие мора да употребуваат странски зборови. Меѓутоа тоа не е точно. Мислам дека многу повеќе тие не го познаваат нашиот јазик, ниту пак сакаат да го запознаат за да немаат таква предрасуда, вели таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Загина 13-годишно дете од Куманово при судир на тротинет и „мерцедес“

Според неа, англизмите се природен дел од современиот живот, но не треба да ја потиснат употребата на македонските зборови.

– Нормално дека англизмите се присутни преку модерната технологија, ама тоа не значи дека немаме ние македонски збор за сите тие странски зборови што ги употребуваат сè повеќе и повеќе, додава Петковска.

Таа забележува и сè почеста употреба на латиница, дури и во комуникацијата на институциите што треба да бидат пример во негувањето на македонскиот јазик.

– Јас со многу културни институции, образовни институции комуницирам на писмен начин и сите тие пишуваат на латиница, а секаде има кирилица. Како може некој да распишува конкурс за мајчин јазик, а да пишува на латиница? Тоа мене ми е нејасно, вели таа.

Петковска смета дека одговорноста за правилната употреба и зачувувањето на македонскиот јазик треба да започне од највисоките институции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пакувања со дрога пронајдени кај кумановец кој бил на пауза од затворската казна

– Мислам дека тоа е системска грешка, бидејќи оној што треба прв да ги воспостави правилата, ги крши и не ги почитува. Почнувајќи од институциите, па до професорите, медиумите и културните установи, нагласува таа.

Наставничката оценува дека е потребна поголема општествена грижа за македонскиот јазик и неговото место во јавниот живот.

– Тоа е едно од главните обележја на еден народ. Сите можеме да имаме згради, автомобили, дипломи, ама она по што се разликуваме е токму јазикот. Тоа треба да се доживува како посебна вредност и да му се даде посебно значење, вели Петковска.

Таа потсетува дека во минатото македонскиот литературен јазик бил многу поприсутен во медиумите отколку денес.

– Кога бев во средно училиште имаше културно-образовни емисии, фестивали на македонска детска песна и постојано се слушаше убав македонски литературен јазик. Сега навистина многу е сиромашна програмата на нашите медиуми со такви емисии, заклучува Петковска.

Никола Ивановски