Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кој се одбележува на 24 мај, претставува еден од најзначајните датуми во културната и образовната историја на словенските народи.
Нивната дејност во IX век ги поставила темелите на словенската писменост, образование и книжевност, оставајќи трајно наследство што и денес има огромно значење за зачувувањето на националниот идентитет и јазичната традиција.
Солунските браќа Константин Филозоф – Кирил и Методиј ја создале глаголицата, првото словенско писмо, и ги превеле најважните богослужбени книги на разбирлив словенски јазик.
Со тоа овозможиле ширење на писменоста меѓу словенските народи и ја потврдиле вредноста на мајчиниот јазик во образованието и духовниот живот.
Нивното дело подоцна го продолжиле нивните ученици, меѓу кои и Свети Климент и Свети Наум, чие просветителско наследство е тесно поврзано со овие простори и со развојот на словенската книжевна традиција.
Иако празникот секоја година се одбележува со свечености, културни манифестации и образовни настани, прашањето колку навистина му посветуваме внимание на јазикот, писменоста и културата останува актуелно.
Во време кога дигиталната комуникација станува доминантна, а младите сè повеќе време поминуваат на социјалните мрежи, предизвик е да се одржи интересот за литературата, книгата и културното наследство.
Наставничката по македонски јазик и литература Ангела Петковска смета дека во последните години сепак се забележува поголем интерес за одбележување на ваквите значајни датуми.
– Слободно можам да кажам дека од лани или пред две години почна некако да се обележуваат овие наши значни денови. Дотогаш јас барем колку се сеќавам имаше долго време затишје како незаинтересираност за сите тие настани коишто би требало на нас секојдневни значат, вели Петковска.
Според неа, во изминатиот период биле организирани повеќе настани поврзани со делото на Кирил и Методиј, меѓу кои и конкурси и културни програми во кои учествувале ученици од различни училишта.
– Имаше доста големо одѕив ама повеќе од основни, од средно училиште не толку многу што значи пак кажува дека младите не се баш заинтересирани, посочува таа.
Петковска забележува дека интересот за културните содржини и современата македонска литература сè уште не е на посакуваното ниво, што се гледа и преку недоволното познавање на домашните автори.
– Она што ми беше симптоматично им кажав на луѓето пријателите па и колегите дека почесен гостин со својата беседа ќе ни биде Оливера Ќорвезироска. Тие ме гледаа немо, очигледно дека не знаат која е таа. Таа пред некој ден ја прими наградата за роман на годината за романот „Три Марии“ и е една од најпопуларните писателки современи во Македонија, а што е најважно наша сограѓанка од Куманово. Меѓутоа луѓето не знаат за неа, така што тоа доволно кажува колку ние ги познаваме нашите културни вредности, колку ги почитуваме, додава наставничката.
Сепак, таа изразува надеж дека започнатите активности ќе продолжат и во иднина и ќе прераснат во традиција што ќе придонесе за поголема грижа за јазикот, литературата и културното наследство.
Одбележувањето на Денот на Светите Кирил и Методиј не е само потсетување на историското значење на нивната мисија, туку и можност да се отвори поширока општествена дискусија за односот кон мајчиниот јазик, писменоста и културата.
Наследството што го оставиле сесловенските просветители не се чува само со свечени академии и пригодни говори, туку и со секојдневна грижа за правилната употреба на јазикот, читањето книги, поддршката на домашните автори и почитувањето на културните вредности кои го обликуваат општеството.
Никола Ивановски

