Во Куманово одбележан Денот на македонскиот литературен јазик (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Со свечена академија во Занаетчискиот дом денеска во Куманово беше одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот литературен јазик, по повод 81 година од кодификацијата.

Свечената академија, која трета година по ред се организира во градот, имаше за цел да потсети на значењето на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет, но и да ја поттикне свеста кај младите за неговото негување и правилна употреба.

 

 

Во рамки на програмата настапија ученици од основните и средните училишта кои учествуваа на литературниот конкурс инспириран од мислата на Блаже Конески – „Јазикот е нашата татковина“.

Наставничката по македонски јазик и литература Ангела Петковска порача дека јазикот е едно од суштинските обележја на секој народ и дека неговото негување мора да биде постојан процес.

„Тоа е можеби една од основните обележја на еден народ. Сите ние сме исти како луѓе, меѓутоа се разликуваме токму по јазиците и затоа мислам дека треба малку повеќе да обрнеме внимание на тоа како се употребува, значи во сите сфери – и во науката, и во образованието, и во културата, новинарите исто така, просветарите, за да направиме еден вид на навика и потреба на децата да го негуваат и да го употребуваат, практикуваат секој ден и да си го ценат како нешто што навистина треба да го знаат како нешто свое“, истакна Петковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „На Ѓурѓовден“ - изложба на Марјан Јаневски – Шалајко за празнувањето во Средорек

 

 

Осврнувајќи се на современите јазични промени, таа посочи дека јазикот се развива, но дека треба да постои умереност во прифаќањето на странските влијанија.

„Англизмите некако станаа како некоја мода, како некој тренд кај младите. Јас лично немам ништо против, јас работам со младите и учам од нив многу, ама мислам дека кога може да се употреби некој соодветен македонски збор нема потреба толку многу да се нагласува. Треба да бидеме умерени во сè“, додаде Петковска.

 

 

Наставничката Фросина Додевска нагласи дека манифестацијата веќе станува препознатлив дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Куманово и изрази надеж дека ќе продолжи и во иднина.

„Трета година по ред се одржува оваа манифестација, сакам да прерасне во традиција, да продолжи после нас. Годинава за првпат распишуваме литературен конкурс на познатата фраза од Конески „Јазикот е нашата татковина“, имаше голем одѕив од страна на учениците како од основните така и од средните училишта“, рече Додевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец со нож избол полицаец откако бил затекнат како оштетува возила

 

 

Таа посочи дека Општина Куманово и Фондацијата обезбедиле средства за наградување на најдобрите творби и дека тоа е дополнителен мотив за младите да творат на македонски јазик.

„Фондацијата за култура и спорт Општина Куманово успеа да одвои средства за овој настан да ги награди првите три места од сите категории. Ние сме задоволни како професори, ги вреднувавме, сметам реално, и сакам догодина да биде уште помасовно“, изјави Додевска.

 

 

Свечената академија ја отвори македонската писателка Оливера Ќорвезироска, годинашна авторка на годината и добитничка на наградата за роман на годината за книгата Три Марии, која ја нагласи врската меѓу стандардниот јазик и дијалектите.

„Стандардниот јазик секогаш треба да биде во една сериозна прегратка со дијалектите. Тие не се непријатели, туку се нешто органски поврзани, така што сметам дека одбележувањето на овој значаен ден токму во Куманово е една многу убава порака на генерациите, порака дека треба да придонесуваме за него да биде што подобар, да го зборуваме во најдобро светло и да го слушаме првенствено“, истакна Ќорвезироска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведени двајца возачи во Куманово кои возеле пијани

 

 

Говорејќи за јазичните промени и улогата на младите, Ќорвезироска потенцираше дека јазикот природно се менува и дека читањето е основата за негово зачувување.

„Не треба да ги напаѓаме младите, бидејќи јазикот е жива материја и природно е да се менува. Не постои јазик кој може да се негува доколку не се чита. Читањето е базата и на јазикот, и на неговата состојба во којашто се наоѓа, и тоа е првото нешто од коешто треба да се почне и коешто треба да се негува секогаш“, порача Ќорвезироска.

 

 

Организаторите оценија дека одбележувањето на Денот на македонскиот литературен јазик е важен потсетник за значењето на мајчиниот јазик како културна вредност и суштински дел од македонскиот идентитет.

Настанот е во организација на Фондација за култура и спорт Куманово, а под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Никола Ивановски