Ердоган нуди да посредува меѓу Пакистан и Авганистан

Сподели со своите пријатели

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес понуди да посредува со цел да се постигне ново примирје меѓу Пакистан и Авганистан, меѓу кои граничниот конфликт влезе во својот шести ден.

Началникот на пакистанската армија вели дека трајниот мир зависи од прекинувањето на врските на Кабул со милитантните групи што ја напаѓаат неговата земја.

Конфликтот избувна минатата недела, а Авганистан во четврток возврати на пакистанските воздушни напади од претходниот викенд, објави Бета-АП.

Оттогаш, Пакистан спроведува воени операции по должината на границата и објави „отворена војна“ со Авганистан, алармирајќи ја меѓународната заедница.

Со ова заврши прекинот на огнот постигнат со посредство на Катар и Турција во октомври, откако двата соседа беа на работ на војна.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран: Не испаливме ракета кон Турција

Во телефонски разговор со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, Ердоган „ги осуди терористичките напади во Пакистан“ и рече дека Турција ќе се обиде да „придонесе за повторно воспоставување на прекинот на огнот меѓу Пакистан и Авганистан“, објави владата во Анкара.

Канцеларијата на Шариф не ја потврди директно понудата на Ердоган, но рече дека двајцата лидери разговарале за тензиите по должината на 2.611 километри долгата авганистанско-пакистанска граница.

Беше наведено дека двајцата „размениле мислења за неодамнешните настани“ и дека ќе останат во близок контакт „како дел од нашата заедничка потрага по мир и стабилност во регионот“.

Началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, денес изјави дека мирот меѓу Пакистан и Авганистан зависи од прекинувањето на врските на авганистанските талибанци со милитантните групи што го напаѓаат Пакистан, предупредувајќи дека Исламабад ќе преземе „сите потребни мерки“ против заканите што доаѓаат од авганистанска територија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ОН: Ниту една земја во светот не постигна целосна правна еднаквост за жените