Украинците запалија електрана во близина на Москва, луѓето останаа без греење (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Во неделата, украинските беспилотни летала извршија еден од најдлабоките и најмоќните напади на руска територија од почетокот на инвазијата, таргетирајќи термоцентрала во Московскиот регион и предизвикувајќи голем пожар и прекин на греењето за илјадници жители.

Тоа е удар кој, според „Индипендент“, означува промена во тактиката на Киев во четвртата година од најкрвавиот европски конфликт од Втората светска војна.

Додека Русија континуирано ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина, Киев досега главно ги таргетираше руските рафинерии и нафтени терминали со цел да ја ослабне енергетската база на руската економија.

Но, најновиот напад беше насочен кон електраната Шатура, централа лоцирана на околу 120 километри источно од Москва, една од најстарите во Русија.

 

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Зеленски тврди: Соработуваме со партнерите, вклучувајќи ги и САД, на мировни предлози

Нападот се случил во раните утрински часови, потврди регионалниот гувернер Андреј Воробјов.

Снимките објавени на Телеграм покажаа оган и густ црн чад што се издига од погодениот комплекс, а Ројтерс ја геолоцираше локацијата, иако не и точниот датум на снимката.

 

 

„Дел од беспилотните летала беа соборени од противвоздушните сили, но неколку од нив паднаа во областа на електраната. Во електраната избувна пожар“, рече Воробјов, додавајќи дека резервното напојување со електрична енергија е активирано и дека мобилните системи за греење се испратени на терен во услови близу нула.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Зеленски: Границите не можат да се менуваат со сила

Според локалните жители, греењето е целосно прекинато во дел од градот.

Весникот „Комерсант“ наведува дека во пожарот се оштетени три трансформатори.

Во Шатура, град со околу 33.000 жители, властите велат дека „се вложуваат сите напори“ за што поскоро враќање на снабдувањето со топлина.

 

 

Во последните месеци, конфликтот дополнително се засили на енергетскиот фронт.

Украина се соочува со повторени прекини на електричната енергија и греењето во домашните области поради руските ракетни и беспилотни летала, а во исто време се обидува да ја исцеди руската воена економија со напади врз рафинерии и енергетска инфраструктура.

Украинските сили повремено напаѓале електрани во окупираните делови од земјата и во руските погранични региони, но досега не предизвикале сериозна штета на електраните што го снабдуваат Московскиот регион, каде што живеат повеќе од 22 милиони луѓе.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Цена на војната: Колку ја чини Украина одбраната од Русија?

Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на неделата биле соборени 75 украински беспилотни летала, вклучувајќи 36 над Црното Море и неколку над Московскиот регион.

Аеродромот Внуково накратко го запре целиот сообраќај, кој беше обновен по околу еден час.

 

 

Електраната Шатура, основана веднаш по болшевичката револуција, првично работела на тресет, но денес главно се потпира на природен гас.

Најновиот напад уште еднаш покажа дека војната сè повеќе се шири длабоко во руската заднина, нагласувајќи ја променливата динамика на конфликтот кој сега е во својата четврта година.