Куманово доби противпожарно возило со скала од 32 метри (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Куманово доби ново противпожарно возило со мобилна скала долга 32 метри, донација од покраината Тирол во Австрија, како дел од заедничкиот проект за реформа на противпожарните служби.

Возилото ќе се користи за спасувачки интервенции и гаснење пожари во висококатници и објекти.

 

 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека оваа донација е резултат на започнатата соработка со Австрија пред повеќе од една година.

– Врз база на студиските посети кои ги имавме таму, сме избрани како една од општините во Македонија која ќе работи на реформи на противпожарните служби во државата. Со таа цел веќе адаптиравме одредени услови во нашата противпожарна единица во Куманово и добивме едно возило како донација, се работи за мобилна скала со должина од 32 метри која се користи за спасување и интервенција при пожари, несреќи и други вонредни состојби, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се чисти депонијата кај поранешниот хотел „Куба“ (ВИДЕО)

 

https://youtu.be/L2JhJPSDDyg

 

Тој им се заблагодари на граѓаните на Австрија и на покраината Тирол за поддршката, нагласувајќи дека целта е Куманово да стане пилот проект за реформи на противпожарниот систем.

– Ќе продолжиме да ги користиме нивните искуства, целта е Куманово да стане пилот проект за реформи на противпожарниот систем, каде покрај професионалната противпожарна единица ќе обезбедиме услови за функционирање и на доброволни противпожарни друштва, додаде тој.

 

 

Од австриската страна, координаторот на проектот Петар Логар од Тирол истакна дека соработката започнала по иницијатива на австрискиот амбасадор и дека целта е да се помогне Куманово во создавање на модерен и одржлив противпожарен систем.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец, кој со овошје и зеленчук продавал и пиротехника

– Проектот започна со посредство на австрискиот амбасадор, ние 15 години спроведуваме проекти на територија на Балканот, посебно во Хрватска. Со градоначалникот и пожарникарите од Куманово имавме добри разговори, доколку успееме да најдеме доволен број доброволци пожарникари би сакале да помогнеме со доопремување на службата и со нови возила од Австрија, рече Логар.

 

 

Тој нагласи дека во Тирол има 23.000 доброволни пожарникари, што е пример кој се надеваат дека ќе го пренесат и во Куманово.

– Едноставно, на доброволна основа, почнуваме уште од школска возраст со обука на младите во училиштата. Волонтерите уживаат во пријателството што го стекнуваат за време на обуката и задоволство им е што можат нешто да сторат за општината и граѓаните, додаде Логар.

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малолетник тешко повреден при судир на „Хонда“ и „Априлија“ во Куманово

 

Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, изјави дека возилото е повеќе од потребно за градот и дека веќе е извршена обука на пожарникарите за негово користење.

„Ова возило ни е добредојдено бидејќи ни е прекупотребно на град како Куманово, имаме висококатници, возилото првична намена му е за спасување од височина, 32 метри скала со корпа, но во даден момент се користи и за гаснење пожари на повисоки куќи. 70 отсто од пожарникарите кои се во работен однос се оспособени да работат со ова возило“, рече Илиевски.

 

 

Тој додаде дека, иако возилото е старо, се наоѓа во извонредна состојба, изразувајќи надеж дека во иднина ќе продолжи соработката со Тирол, а дека во меѓувреме градот ќе најде начин да го обнови возниот парк.

 

Никола Ивановски