Враќањето на поврзувањето на нуклеарната централа во Запорожје со надворешната електрична мрежа ќе трае околу седум дена, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси.
„Ќе биде потребно извесно време за повторно да се вклучи централата, а се очекува поправките да траат околу седум дена. Сега конечно има светлина на крајот од тунелот“, рече Гроси.
Тој додаде дека почетокот на поправките претставува значаен чекор напред во решителните напори за враќање на надворешната енергија во најголемата нуклеарна централа во Европа, која во последните неколку недели беше принудена да се потпира на дизел генератори за електрична енергија во итни случаи, што, според него, очигледно не е одржливо.
Иако самата електрана произведува електрична енергија, ѝ е потребно надворешно напојување за безбедно работење на системот за ладење на реакторот.