Финскиот претседател Александар Стуб го пофали предлогот на Европската Унија за конфискација на замрзнатите руски средства доколку Русија не се согласи да ѝ исплати воени репарации на Украина. Но, Белгија го нарекува планот проблематичен.
Планот, кој сега добива поддршка во Германија, предвидува ЕУ да позајми околу 140 милијарди евра во име на сите земји-членки, пропорционално на нивните БДП.
Таа сума потоа би ѝ била достапна на Украина за време на траењето на војната.
„Колку што разбирам, предлогот е наместо да се даде бланко чек на Украина, тој да се претстави како воени репарации“, рече Стуб и додаде:
„Што во основа значи дека ѝ давате пари на Украина како бескаматен заем. И ако или кога Русија не плаќа воени репарации, тие пари во основа остануваат кај Украина.“
Големи финансиски ризици
Поголемиот дел од замрзнатите руски средства се во финансискиот депозитар на Euroclear во Белгија, кој содржи повеќе од 190 милијарди евра.
Сепак, белгиската влада досега ги отфрли предлозите на ЕУ за ослободување на тие пари, бидејќи верува дека таков потег сериозно би го оштетил меѓународниот углед на Белгија во областа на финансиските услуги.
„Идеите што се моментално на маса ни изгледаат проблематични. Тие веднаш би го еродирале дополнителниот профит од замрзнатите средства, намалувајќи ја нивната долгорочна вредност. Во пракса, тоа би било речиси како аванс за идна компензација од Русија, пари што всушност се наменети за обнова на Украина, но веќе би биле потрошени. Во меѓувреме, финансиските ризици би паднале целосно врз земјите-членки“, изјави неименуван белгиски функционер за „Еуроњуз“.
Но, Стаб рече дека верува оти планот е во рамките на меѓународното право и дека Белгија нема да биде единствената што ќе го носи ризикот.
„Ова е во согласност со меѓународното право и, доколку има компликации, товарот би се споделил надвор од Белгија. Затоа, не е само Белгија одговорна, бидејќи заемот всушност е зад земјите-членки. Мислам дека идејата е генијална и верувам дека ќе функционира и ќе ѝ помогне на Украина со финансирањето“, нагласи тој.
Стаб, исто така, рече дека ги поздравува новите предлози на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, за укинување на едногласното донесување одлуки меѓу земјите-членки кога станува збор за проширување на ЕУ.
Планот се појави како одговор на систематската блокада на напредокот на Украина во процесот на приклучување кон Европската Унија од страна на Унгарија.
„Јас лично ја поздравувам секоја одлука што носи поголема флексибилност и помала можност за блокада. И никогаш повеќе отколку во случајот со Украина.“