Стефан од Куманово го започна пешадискиот марш до Крушево за Илинден (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Стефан Петровски од Куманово денеска го започна своето патување во рамки на Илинденскиот пешадиски марш до Крушево, организиран од здружението „Аманет – Македонец за Македонец“ од Скопје.

Loading...

 

 

Маршот се одржува во чест на големиот македонски празник Илинден, а Петровски заедно со Дејан Гавровски од Скопје ќе поминат околу 150 километри пеш до Мечкин Камен, каде што на 2 август ќе положат цвеќе во знак на почит.

Денеска двајцата учесници добија благослов во црквата „Свети Спас“ во скопската населба Маџари, од каде официјално тргна нивниот марш кон Крушево.

– Планирано е дневно да минуваме по 30 до 40 километри, а во Крушево треба да пристигнеме на 1 август приквечерина, изјави Петровски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ангелов: Куманово ноќва ќе биде зафатено од пороен дожд

 

Loading...

 

Тој додава дека на Мечкин Камен ќе положат цвеќе на 2 август во чест на Илинден.

Подготовките за оваа физички и психички предизвикувачка авантура траеле со месеци, вклучувајќи секојдневни пешачења од по неколку десетици километри.

Целта на маршот, според Петровски, е не само да се оддаде почит на Илинденците, туку и да се испрати силна порака за зачувување на македонскиот национален идентитет.

– Македонецот се раѓа да се бори за Македонија до својот последен здив. Сакам да дадам придонес за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, вели тој.

 

Loading...

 

Петровски посочува дека денешната борба е различна од таа на предците, но не помалку значајна.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Четворица повредени при судир на три возила во Куманово

– Секоја генерација има своја борба. Илинденците и партизаните тргнале со пушка за ослободување на Македонија, а денес ние се бориме со други средства – за зачувување на јазикот, идентитетот и нашето место во Европа. Сакаме мирно да живееме и да ја градиме Македонија рамо до рамо со европските народи, рече тој.

Тој вели дека не бара слава, туку сака неговата акција да биде поттик за други.

– Сакам ова да прерасне во традиција. Следната година се надевам дека ќе има повеќе луѓе кои ќе пешачат од сите краишта на Македонија. Да не се заборави крвта пролеана за нашата земја, вели тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец загина при судир на „пежо“ и камион

 

 

Loading...

Идејата за маршот, како што раскажува, ја добил од коњаниците кои секоја година патуваат до Крушево, а финалната инспирација ја добил од средбата со Гавровски, кој минатата година сам се упатил пеш, но поради повреда не успеал да стигне до крајната дестинација.

Со надеж, верба и поддршка од народот, Петровски порачува:

– Да се надеваме дека здравјето ќе не послужи и со Божја помош ќе го завршиме овој Илинденски марш.

Никола Ивановски