Американскиот претседател Доналд Трамп повика на повторно отворање на озлогласениот затвор Алкатраз.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп предупреди дека Америка е „мачена од сурови, насилни и сериски криминалци, отпадоци од општеството, кои никогаш нема да придонесат за ништо друго освен за беда и страдање“.
„Кога бевме посериозна нација, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого можеа да му наштетат. Така треба да биде. Повеќе нема да ги толерираме овие сериски криминалци кои шират нечистотија, крвопролевање и хаос по нашите улици.“
Затоа денес му наложувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност, повторно да го отворат значително проширениот и реновиран АЛКАТРАЗ за да ги сместат најзлобните криминалци во Америка.
Повеќе нема да бидеме заложници на криминалци, бандити и судии кои се плашат да си ја работат работата и ни дозволуваат да ги отстрануваме криминалците кои нелегално влегле во нашата земја. Повторното отворање на АЛКАТРАЗ ќе служи како симбол на закон, ред и ПРАВДА. ЌЕ ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА“, рече Трамп.
Островот сега е туристичка атракција
Алкатраз првично бил поморска одбранбена тврдина, а на почетокот на 20 век бил повторно изграден како воен затвор.
Министерството за правда го презеде во 1930-тите, по што затворот почна да прифаќа затвореници од федералниот затворски систем.
Меѓу попознатите затвореници беа озлогласените гангстери Ал Капоне, Мики Коен и Џорџ „Митралез“ Кели.
Според ФБИ, 36 затвореници се обиделе да избегаат од Алкатраз, но речиси сите биле фатени или не го преживеале обидот за бегство.
Опкружен со силни океански струи и ладни тихоокеански води, островот Алкатраз сега е туристичка дестинација управувана од Националната служба за паркови.
Затворањето на затворот во 1963 година се припишува на влошената инфраструктура и високите трошоци за поправки.
Портпаролот на Канцеларијата за затвори објави дека тие „ќе ги почитуваат сите наредби на претседателот“.
Бирото за затвори моментално има 16 затвори со висок степен на безбедност, вклучувајќи еден објект со максимален степен на безбедност во Колорадо и еден објект во Индијана каде што се сместени федералните осуденици на смрт.