Австралијка родила бебе кое генетски не е нејзино, откако по грешка ѝ бил вграден ембрион на друга жена во клиника за ИВФ.
Замената се случила во клиниката Monash IVF во Бризбејн, во сојузната држава Квинсленд, а како што пишуваат австралиските медиуми, грешката се препишува на човечкиот фактор.
„Во име на клиниката сакам да го изразам нашето искрено жалење за она што се случи“, рече директорот на клиниката Мајкл Кнап, додавајќи дека сите во клиниката се „разочарани“ од грешката.
Истата клиника минатата година им исплати отштета од 56 милиони австралиски долари на стотици пациенти чии ембриони беа уништени, иако беа здрави.
Вработените го откриле проблемот во февруари, кога родителите на детето побарале преостанатите замрзнати ембриони да бидат префрлени во друга клиника, објаснува портпаролот на ИВФ на Монаш.
„Наместо очекуваниот број на ембриони, еден е пронајден во складиште“, рече портпаролот, според извештајот на ABC.
Клиниката потврди дека ембрионот на друг пациент по грешка бил одмрзнат и имплантиран на погрешна жена, која подоцна се породила.
Поведена е истрага, а случајот е проследен до надлежните органи.
Кнап рече дека клиниката верува дека станува збор за изолиран инцидент.
Минатата година, Monash IVF постигна вонсудска спогодба од 56 милиони австралиски долари со 700 поранешни пациенти, откако беше откриено дека нивните ембриони биле уништени поради погрешно генетско тестирање.
Околу 35 проценти од ембрионите кои биле нормални и можеле да доведат до бременост биле погрешно оценети како абнормални.
Ин витро оплодувањето е процес при кој јајце клетките се оплодуваат во лабораториски услови, а потоа ембрионот се враќа во матката.
Процесот е скап и не секогаш успева.
Според извештајот на Универзитетот во Нов Јужен Велс, во 2021 година во Австралија и Нов Зеланд благодарение на оваа процедура се родени 20.690 бебиња.