Британската невладина организација Оксфам денеска објави дека само седум проценти од водата од пред конфликтот сега им е достапна на Палестинците во северниот и јужниот дел на Појасот Газа, што го зголемува ширењето на болестите и ја влошува здравствената катастрофа во енклавата.
Во северниот дел на Газа, кој ги вклучува Џабалија, Беит Ханун и Беит Лахија, израелската армија ги уништи речиси сите бунари, додека на југ, во Рафах, повеќе од 90 отсто од бунарите и резервоарите се делумно или целосно оштетени, а производството на вода е помалку од пет отсто од капацитетот пред конфликтот, соопшти Оксфам.
Се додава дека и покрај напорите да се врати производството на вода по прекинот на огнот, уништувањето на водоснабдувањето во Газа значи дека 60 отсто од водата истекува во земјата, објави Ал Џезира.
„Сега кога бомбите престанаа, ние само почнуваме да го разбираме степенот на уништување на водоводната и санитарна инфраструктура во Газа. Повеќето витални мрежи за вода и санитација се целосно изгубени или парализирани, создавајќи катастрофални хигиенски и здравствени услови“, рече Клеменс Лагард, шеф на хуманитарната реакција на Оксфам во Газа.
Тој додаде дека палестинските деца на улиците го запираат персоналот на Оксфам да бара вода и пешачат километри за да ја добијат.