Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска соопшти дека ја презел функцијата вршител на должноста администратор на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), јавува Си-Ен-Ен.
Во Вашингтон, седиштето на УСАИД беше затворено во текот на денот, а на вработените преку е-пошта им беше кажано да останат дома.
Од ѕидовите на зградата беа отстранети логоа и фотографии од хуманитарна работа, а на повеќе од 600 вработени во текот на ноќта им беше забранет пристапот до компјутерскиот систем на агенцијата.
Како што јави АП, вработените во УСАИД биле известени дека „по наредба на раководството“ зградата е затворена за сите вработени во понеделникот.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денеска изјави дека УСАИД е управуван од „куп радикални лудаци“ и дека е лошо управуван.
Тој додаде дека ќе ги „исфрли лудаците“ од агенцијата пред да се донесе одлука за нејзината иднина.
Трамп во неделата го пофали шефот на Канцеларијата за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск за суспензијата на двајца врвни безбедносни функционери на УСАИД, откако тие се обидоа да го спречат DOGE да пристапи до системите на агенцијата. Маск утрово изјави дека УСАИД ќе биде затворена, а Трамп се согласува со него.
Трамп неодамна потпиша извршна наредба за замрзнување на странската помош на три месеци и им нареди на функционерите да ги прегледаат сите програми за да се осигураат дека се во согласност со неговата визија за надворешната политика на САД.
Неодамна во медиумите се појави информација дека Трамп размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот.
УСАИД испраќа помош до заедниците погодени од конфликти и им помага на земјите во развој во многу аспекти.
Демократите го критикуваа Трамп за откривањето на плановите за спојување на УСАИД со Стејт департментот, истакнувајќи дека агенцијата е „независна институција по статут“.