Европската унија денеска повторно започна цивилна набљудувачка мисија на граничниот премин Рафах, меѓу Појасот Газа и Египет, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
„Цивилната гранична мисија на ЕУ денеска се распоредува на преминот Рафа на барање на Палестинците и Израелците. Ќе го поддржи палестинскиот пограничен персонал и ќе го олесни трансферот на поединци од Газа, вклучително и оние на кои им е потребна медицинска нега“, објави таа на мрежата Х.
Калас во понеделникот објави дека постои договор меѓу министрите за надворешни работи на земјите-членки дека Мисијата на ЕУ за гранична помош (ЕУБАМ) би можела да одигра „одлучувачка улога“ во поддршката на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Граничниот премин Рафах меѓу Египет и Појасот Газа денеска треба повторно да биде отворен за премин на палестински цивили, два дена порано од предвиденото, според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, пренесоа израелските медиуми.
Палестинските власти соопштија дека преминот ќе го контролираат палестинските власти и европските набљудувачи и дека ќе минат 50 повредени милитанти и 50 ранети цивили, заедно со поединци кои ги придружуваат.
Официјални лица рекоа дека на уште 100 луѓе, најверојатно студенти, ќе им биде дозволено да поминат од хуманитарни причини, пренесува Ројтерс.
Цивилната мисија на ЕУ за помош во следењето на премините започна со работа во 2005 година, но беше суспендирана во јуни 2007 година како резултат на преземањето на Појасот Газа од страна на Хамас и во тоа време имаше 10 меѓународни и осум локални членови на персоналот, пренесува Танјуг.
Италија соопшти дека ќе испрати седум карабинери да се приклучат на мисијата во Рафах, покрај двајцата Италијанци кои веќе се таму, додека германските министерства за внатрешни работи и за надворешни работи разговараат за испраќање германски контингент.