Уставниот суд на Јужна Кореја ги одобри шефот на агенцијата за разузнавање и советникот за национална безбедност да сведочат во процесот за импичмент на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, изјави денеска портпаролот на судот.
Портпаролот Чеон Џае-хјун изјави дека директорот на јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) Чо Тае Јонг и советникот за национална безбедност Шин Вон-сик ќе мора да се појават на суд на 13 и 11 февруари, објави Јонхап.
Чо и Шин се двајца високи функционери кои се додадени на списокот на сведоци за судењето на Јун, кое ќе одлучи дали тој ќе биде сменет или вратен на функцијата претседател поради краткотрајното воведување на воена состојба на 3 декември.
Судот, исто така, одобри поранешниот министер за внатрешни работи Ли Санг-мин да сведочи на судењето.
Судењето за импичмент на Јун започна на 27 декември, а досега се одржани шест рочишта, меѓу кои и две подготвителни.
Јун присуствуваше на последните две главни расправи.
Следното рочиште е закажано за вторник.