Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е посветена на ставање крај на војната со Русија и враќање на дел од нејзината територија преку дипломатски канали откако Киев ќе влезе во НАТО.
Во ексклузивното интервју за Kyodo News во претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека поддршката од партнерите „не е доволна“ и го повика НАТО што поскоро да го покани Киев на преговори за членство во воената алијанса.
Тој изјави дека „тешко е насилно повторно да се заземат некои од деловите на земјата окупирани од Русија, вклучувајќи го и Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година“.
„На нашата војска ѝ недостасува сила да го направи тоа. Тоа е точно. Мора да најдеме дипломатски решенија. Но, таквите чекори може да се разгледаат само кога знаеме дека сме доволно силни што Русија не може да започне нова агресија против Украина“, рече украинскиот лидер, истакнувајќи дека војната влезе во „комплициран период“.
Запрашан дали мисли дека американската поддршка за Украина ќе продолжи откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп стапи на должност, Зеленски рече дека Трамп и неговиот тим ја знаат позицијата на Украина и нејзиниот „План за победа“, кој има за цел да ја стави во „силна позиција“ со цел да се олесни дипломатско решение.
„Тие го проучуваат планот и ќе се слушнеме со нив. Но, нема да има капитулација од страна на Украина. Тоа е факт и мислам дека го разбира“, посочи тој и додаде дека смета на дополнителни разговори со новиот американски претседател за „подетално да се објаснат одредени работи“.
Зеленски, исто така, рече дека е речиси сигурно дека севернокорејските војници распоредени во западна Русија на крајот ќе се користат како „топовско месо на првите линии на конфликтот“.
Тој не кажа колку севернокорејски војници, првично префрлени во источна Русија во октомври, биле убиени или ранети во борбите со украинските сили.
„Постојат докази дека околу 12.000 севернокорејски војници се распоредени во руската област Курск, која граничи со Украина, но на Киев му треба доказ пред да го открие точниот број на жртви. Многу севернокорејски војници ќе бидат испратени на првите линии на војната во иднина, а неспорно е дека рускиот претседател Владимир Путин ќе ги користи како топовско месо за да ги намали загубите за армијата на неговата земја“, рече Зеленски, пренесе Танјуг.
Според него, она што долгорочно би можело да биде поважно е дека севернокорејските војници ќе бидат обучени од руската војска во реални воени услови за да добијат знаење за модерното војување, како што е употребата на беспилотни летала и други нови технологии. „Ќе има огромно влијание врз Азија и другите земји доколку таквото знаење се врати во Северна Кореја“, предупреди украинскиот лидер.