Крпењето на пензиската дупка со пари од буџетот е дежурна тема во јавноста. Сега, алармот повторно го вклучи Советот на експерти, предупредувајќи дека линеарото зголемување на пензиите по 2.500 денари дополнително ќе го зголеми трансферот на парите од државната каса.
Пари направи анализа како се движеле трансферите од буџетот низ годините. Заклучокот е дека сме имале и многу полоши години од годинава и дека таа дупка имала тренд на намалување, но се очекува процентот да оди нагоре годинава и догодина.
Во структурата на приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување влегуваат изворните приходи, односно придонесот за пензиско осигурување, приходи од акцизи, по нешто ситно се добива од продажба на акции и удели и од дивиденда, и, на крај, тоа што недостига за да се затвори финансиската конструкција на целиот Фонд (тука не се само пензиите) се покрива со пари од државната каса. Според Завршната сметка на Фондот за ПИОСМ за 2023 година, уделот на приходите од буџетот во вкупните приходи од Фондот е 32,57 насто.
Но, ако се вратиме пред 10 години, тогашното учество на парите од буџетот било 42,2 насто. А највисок бил уделот во 2017 година (43,6 насто).
‒ Во 2017 година, дефицитот беше над 43 насто, но откако беше донесена методологијата пензиите да растат во зависност од растот на просечната плата и трошоците за живот, дупката почна да се намалува и стигна до 33 насто, – објасни Никола Мемов, директор на Фондот за ПИОМ.
Според Мемов, оваа година се очекува да ја окончаме со крпење на дефицитот во Фондот за ПИОСМ со 37 насто.
Во Буџетското барање на Фондот за ПИОСМ за 2025 година јасно е наведено дека се предвидува трансфер од буџетот во висина од дури 41,2 насто!
Удел на приходи од буџетот во вкупните приходи на Фондот за ПИОСМ
ДВОЈНО ПОГОЛЕМ ИЗНОС ЗА ПЕНЗИИ ВО РОК ОД 5 ГОДИНИ
Низ годините се зголемувал и износот за пензиите, па така, според завршните сметки на Фондот за ПИОСМ, вкупниот исплатен износ за пензии пред пандемијата бил 915,8 милииони евра, а во Буџеткото барање за 2025 година е наведено дека за пензии се предвидени речиси 1,8 милијарди евра, што значи дека вкупниот износ е речиси двојно зголемен во однос на 2019 година. Овде, секако, влегува линерното зголемување по 2.500 денари за оваа и наредната година.
Износ за пензии
ШТО СЀ ИСПЛАЌА ФОНДОТ?
Стапката за пензискиот придонес е 18,8 насто. За членовите во Вториот пензиски фонд се одделува околу една третина од овој придонес, односно 6 насто. И овие пари ги прибира Финдот, а потоа ги пренесува во задолжителните приватни пензиски фондови. Преку Фондот за ПИОМ се плаќа и здравственото осигурување за пензионерите. За своето функционирање, за вработени, и за тековни трошоци, исто така мора да се соберат пари.
Така, во Буџетот за 2025 година се предвидува дека покрај пензиите од 1,78 милијарди евра, треба да се исплатат и 253,7 милиони евра кон приватните фондови (таканаречени транзициски трошоци), потоа 231,46 милиони евра за здравствено осигурување на пензионерите, а надоместокот за стручната служба на Фондот ќе биде 6,4 милиони евра (за 553 вработени).
Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/analiza-penziite-i-budzetskata-dupka-niz-godinite/
Редакција Пари