Општина Куманово објави јавен повик за предлог проекти за програмата за културни манифестации за претстојната 2025 година.
Како што информираше денеска раководителот на Секторот за култура и спорт Александар Крстевски, јавниот повик е објавен пред два дена и ќе трае до 21 октомври.
– Водени од досегашното исксутво ги охрабруваме сите невладини организации, здруженија, фондации и правни лица кои досега имаа некоја дејност или интерес во дејноста на културата да аплицираат на повикот, да бидат дел со нови идеи и заедно на крајот на целиот повик со нашиот сектор да ги избереме најдобрите настани кои ќе доведат до воздигнување на културните манифестации во нашиот град, изјави Крстевски.
Сите кои ќе ги исполнат условите, како што изјави Крстевски, ќе бидат во дел на програмата зависност од финансиската конструкција на тековната 2025 година.
– Веќе сами знаете дека голем дел од нашите невладини организации работат на оваа тематика. Исто така би кажал дека и многу правни субјекти кои веќе имаат аплицирано, ако имате проблеми или пропусти во јавниот повик ви стоиме на располагање заедно да ги решиме и да ви помогнеме во подготвување на апликацијата. Јавниот повик се покажа како успешна алатка на транспарентен начин да се одржат настаните кои ги имаме повеќе години, но исто така да се даде и можнсот на нови проекти од креативни и иновативни здруженија, рече раководителот.
Ваквата идеја за прибирање на предлог проекти, вели Крстевски, се покажа како алатка за поголема транспарентност, но и зближување со сите организации и давање шанса на младите и нивните идеи.
Критериумите, потребната документација и рокот и начинот на доставување на барањата ќе бидат детално објавени во самиот јавен повик, достапен на општинскиот веб сајт.
Никола Ивановски