ГФК Куманово ја заврши есенската полусезона на најдобар можен начин, со победа од 2:0 над ФК Речица, со која ја потврди првата позиција на табелата и ја освои титулата есенски шампион.
Кумановци до трите бода стигнаа со два гола во првото полувреме. Стрелци на погодоците беа Ќендрим Абази и Амар Имери, кои го поставија конечниот резултат од 2:0.
Во вториот дел домашниот тим имаше неколку можности за дополнително зголемување на предноста, но резултатот остана непроменет до последниот судиски свиреж.
ГФК Куманово есенскиот дел од првенството го завршува со учинок од осум победи и еден пораз, што му овозможи да се искачи на врвот на табелата и да ја освои есенската титула.
Следува натпреварувачка пауза, која клубот ќе ја искористи за дополнителни подготовки и подобрување на играта пред продолжението на првенството.
Целта е екипата во пролетниот дел да продолжи со добрите резултати и да се обиде да го оствари амбициозниот план – пласман во втората лига.
Никола Ивановски

