Во салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, на 10 ноември, 2026 година од 19:30 часот ќе биде отворена групната изложба „Кумановски ликовни уметници 2026“.
Изложбата има традиционален карактер и секоја година се организира по повод 11 ноември, денот на ослободувањето на град Куманово.
Ова е нејзиното 70 издание, на кое ќе се претстават творци кои живеат и работат во Куманово. Изложбата има долга традицијата која започнува од првото групно излагање на кумановките ликовни уметници во 1956 година, па се до ден денеска.
Изложбата ги обединува сите академски ликовни уметници од градот и претставува пресек на ликовната уметност од различни генерации ликовни творци, од најмладите самошто дипломирани, до зрели автори, двигатели на ликовните текови во Куманово и современата македонска сцена.
Оваа година своето учество го потврдија 23 ликовни автори од повеќе генерации и ликовни профили: сликари, графичари и вајари. Излагаат: Александар Симоновиќ, Адријан Кадрија, Акиме Насуфи Реџепи, Александар Стефановски, Арта Лимани-Адеми, Ања Стојадиновска, Башким Керими, Валентина Илијевска, Вања Кашавелска, Гоце Божурски, Далибор Крстевски, Игор Андреиќ, Кристина Божурска, Марија Величковска, Марина Цветановска Мартиновска, Мирослава Цветковиќ, Мухамедали Алили Дали, Мухамет Идризи, Наташа Серафимовска, Синиша Кашавелски, Стефан Анчевски, Трајан Трајковски и Тасим Кадрија.
Продукцијата има плуралистички ликовен израз и се движи во рамки на сликарство (масло, акрил и комбинирани техники на платно), графика, скулптура – објект и просторни инсталации.
Куратор на изложбата е Драгана Спасковска, кустос-советник, историчар на уметноста.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, како и од Градоначалникот и Советот на Општина Куманово. За јавноста изложбата ќе биде поставена до 18 ноември 2026 година.
Интегрално соопштение

