Во Абу Даби, на преговорите за прекин на конфликтот во Украина, Европа ќе биде претставена во формат Е3 (Франција, Германија и Обединетото Кралство) од советници во владините кабинети на секоја од овие земји, дозна денес парискиот весник „Ле Монд“.
Франција ќе биде претставена од шефот на дипломатската служба во Елисејската палата, Емануел Бон, објави „Монд“, повикувајќи се на извори блиски до претседателот.
Ќе присуствува и Гинтер Заутер, дипломатски советник на германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и Џонатан Пауел во име на Велика Британија.
Европската комисија ќе биде претставена од Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лајен.
Трилатералните разговори меѓу претставниците на САД, Русија и Украина започнуваат утре во Абу Даби.
Кремљ претходно денес објави дека мировните разговори за Украина ќе се одржат исклучиво меѓу руската, украинската и американската делегација во трилатерален формат, без учество на европски претставници.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави за радио РТЛ во неделата дека европските земји, вклучувајќи ја и Франција, ќе бидат вклучени во дводневниот состанок, за време на кој се очекува страните да разговараат за ублажување на тензиите, завршување на конфликтот и повоени безбедносни аранжмани.

