Русија би можела да користи нуклеарно оружје доколку која било земја ја нападне со конвенционални ракети, изјави Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин предложи нови правила за тоа кога Русија може да користи нуклеарно оружје.
Неговите забелешки, темпирани да се совпаднат со говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Генералното собрание на ОН, доаѓаат во време кога Украина бара дозвола да користи западни ракети со долг дострел против цели во Русија.
Путин изјави дека Русија може да прибегне кон нуклеарно оружје доколку биде нападната од земја која користи конвенционални ракети.
Ова предупредување јасно е насочено кон Западот и неговата поддршка за Украина.
Путин конкретно нагласи дека секој напад во кој учествува или е поддржана нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад врз Русија, што е ново правило во руската нуклеарна доктрина, правната рамка која ги опишува условите за употреба на нуклеарно оружје.
Сегашниот документ вели дека Русија може прва да нападне само ако безбедноста на земјата е загрозена.
Тоа е прв пат, потсетува Скај њуз, Русија конкретно да зборува за проширување на нуклеарната доктрина.
Путин посочи дека ако некоја ненуклеарна држава ја нападне Русија со поддршка на нуклеарна сила, тоа ќе се третира како координиран напад.
Покрај тоа, Путин нагласи дека Русија ќе размисли за употреба на нуклеарно оружје доколку на нејзина територија открие масовен воздушен напад со беспилотни летала, проектили или авиони.
Предлозите доаѓаат во моментот кога Лондон и Вашингтон размислуваат дали да и дозволат на Украина да користи западни ракети како британската „Storrm Shadows“ за да нападне подлабоко во Русија.
Според Скај њуз, се чини дека коментарите на Путин се намерно усогласени со говорот на претседателот Зеленски во ОН, каде Киев повторно побара поддршка за ракети со долг дострел.
Прашањето е колку се реални последните закани на Путин или се само уште една форма на руска реторика.
Путин веќе неколку пати употреби закани со нуклеарно оружје, но и тогаш Западот ги премина неговите поставени црвени линии, како што се испраќање проектили, тенкови и авиони Ф-16 во Украина, без конкретни последици.
Се чини дека ова е обид на Путин повторно да повлече појасни црвени линии. Овојпат заканите се поконкретни и подетални, бидејќи се базираат на нови законски рамки.
Сепак, клучното прашање е – дали Путин всушност ќе употреби нуклеарно оружје штом првата ракета ја премине руската граница по стапувањето во сила на овие нови правила?
„Светските лидери како Џо Бајден и Кир Стармер сега бараат одговор на тоа прашање“, заклучува Sky News.