Вкупно 62 лица се повредени во рускиот комбиниран напад со балистички ракети и наведувани воздушни бомби врз Харков, додека 226 пациенти се евакуирани од погодената медицинска установа во други болници, соопштија утрово, 3 ноември, украинските власти.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов изјавил дека е погодена медицинска установа во областа Немисалјан, каде првично биле пријавени четири повредени лица, пренесува Укринформ.
Зградата претрпе сериозни оштетувања, а искршени се повеќе од 1.000 прозорци во неколку околни згради.
Руската агенција РИА Новости јави дека руските сили нападнале украински позиции во регионот на Харков, при што цел биле оклопни возила и артилерија.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили во областа изгубиле до 225 војници и неколку парчиња воена опрема во претходните 24 часа.

