Велика Британија и Франција ќе водат воена вежба во Полска која ќе ја тестира подготвеноста на меѓународните сили за распоредување во Украина по евентуалниот мировен договор.
На вежбата, која ќе трае од 9 до 22 ноември, ќе учествуваат околу 2.800 војници од десет европски земји: Велика Британија, Франција, Белгија, Естонија, Германија, Литванија, Холандија, Полска, Шпанија и Шведска.
Турција се согласи да ја води поморската мисија чија цел е деминирање и обновување на трговијата преку Црното Море.
Силите нема да дејствуваат под команда на НАТО
Плановите за распоредување на меѓународни сили во Украина беа претставени како дел од долгорочните безбедносни гаранции што европските земји сакаат да му ги дадат на Киев.
Според западните претставници, силите нема да учествуваат во офанзивни операции, да го надгледуваат прекинот на огнот или да работат под команда на НАТО.
Исто така, тие нема да бидат распоредени на линијата на фронтот, туку треба да обезбедат безбедност на Украина и да помогнат во обновата на нејзините вооружени сили.
САД учествуваа во разговорите, но нема да бидат дел од мисијата. Русија се противи на распоредување странски војници во Украина, а претседателот Владимир Путин претходно предупреди дека тие ќе бидат „легитимни цели“.
Британскиот министер за одбрана Вес Стритинг изјави дека подготовките не се хипотетички.
„Ова не е хипотетички план, туку вистинска воена формација, подготвена да и помогне на Украина веднаш штом престанат борбите“, рече тој.
Британскиот генерал-полковник Том Бејтман оцени дека вежбата е важен чекор за претворање на политичките ветувања во конкретна воена готовност.
Ќе се тестира распоредување, заштита и снабдување
Во текот на двонеделната вежба ќе се симулира движењето, заштитата и снабдувањето на силите, како и координацијата на војниците од различни земји.
На копно, море и воздух ќе учествуваат околу 2.800 припадници на вооружените сили.
Велика Британија ќе испрати 300 војници и два борбени авиони Тајфун, кои ќе симулираат заштита на цивилни летови по евентуалното повторно отворање на украинскиот воздушен простор.
Западните власти се уште не го прецизираа составот на идните сили.
Воените експерти претходно процениле дека на Украина можеби и требаат неколку десетици илјади војници за безбедносни гаранции.
Обемот на ангажманот ќе зависи од околностите на евентуалниот прекин на непријателствата и политичките одлуки на државите.
Неизвесна е и улогата на западните сили во обуката на украинската армија, чии членови веќе се бараат како инструктори поради нивното искуство во војување со беспилотни летала.

