Заменикот на палестинската милитантна организација Исламски џихад Мухамед ал-Хинди денеска изјави дека убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Иран е показател дека Израел е пред колапс.
„Убиството не беше насочено само против палестинскиот отпор и Хамас поединечно, туку и против Иран. Израел е на работ на колапс, а нивните реакции одразуваат конфузија и неможност да се постигне каква било цел. Израел се соочува со таков отпор за прв пат во својата историја“, изјави Ал-Хинди за либанската телевизија Ал Мајадин, пренесе Ал Џезира.
Исламскиот џихад е сојузник на Хамас и исто така беше вклучен во нападот во јужен Израел на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а беа киднапирани повеќе од 240.
Иранската револуционерна гарда утринава соопшти дека Ханије и неговиот телохранител биле убиени во Техеран, каде лидерот на Хамас присуствувал на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.