Израелските сили убија 14-годишен Палестинец на окупираниот Западен Брег

Сподели со своите пријатели

Израелските сили убија 14-годишно момче на окупираниот Западен Брег, соопштија палестински претставници, додека Израел соопшти дека војниците реагирале на фрлање камења.

Мутаз Ејад Даглас беше убиен доцна во понеделникот навечер во Бурка, северозападно од Наблус, објави палестинското Министерство за здравство.

Палестинското друштво Црвена полумесечина објави дека неговите тимови им помогнале на две лица со рани од огнено оружје и ги пренеле во болница, но дека израелските сили го блокирале пристапот до третото рането лице и привеле тројца волонтери – медицински работници.

Израелската војска, контактирана од АФП за коментар за инцидентот, во вторник изјави дека дејствува за „спречување на фрлање камења и терористички напади“ во областа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Франција размислува за зголемување на минималната плата, синдикатите бараат до 150 евра повеќе

„Војниците забележале неколку терористи кои имале намера да фрлаат камења на главниот пат по кој се движат израелски возила. Ова е област каде што и претходно биле фрлани камења врз израелски возила“, соопшти израелската армија.

„Војниците одговорија со пукање во нивна насока за да ја елиминираат заканата“.

Израелските сили редовно користат боева муниција против Палестинците, вклучително и малолетници кои фрлаат камења на Западниот Брег, кој Израел го контролира од 1967 година.

Израелската организација за човекови права Б’Тселем соопшти дека израелските сили убиле најмалку 241 дете или тинејџер на територијата помеѓу нападот на Хамас, кој дејствува од Појасот Газа, на 7 октомври 2023 година и крајот на јуни оваа година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Два патнички авиони за малку ќе се судреа над Лос Анџелес (ВИДЕ)

Насилството се интензивираше во последните недели, особено пред парламентарните избори во Израел закажани за 27 октомври, пред кои премиерот Бенјамин Нетанјаху се обиде да ја добие поддршката од порадикалните доселеници на Западниот Брег.

На 23 октомври, палестински вооружени лица убија двајца израелски војници на контролен пункт во близина на Хеброн, по што и самите беа убиени во судир со израелските сили.

Израелската армија потоа започна голема операција во овој град, познат како жариште на конфликти.

Според податоците на АФП, врз основа на информации од Палестинската власт, израелските војници или доселеници убиле најмалку 1.116 Палестинци, вклучувајќи цивили и членови на вооружени групи, на Западниот Брег од почетокот на војната во Појасот Газа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кремљ: Целиот свет ja очекува средбаta меѓу Путин, Трамп и Си, тоа ќе биде интересен разговор

Според официјалните израелски бројки, палестинските напади или судири меѓу Палестинците и израелските сили одзеле најмалку 51 живот на Израелец во истиот период.