“Над 80% од домаќинствата во градот веќе непречено добиваат вода од мрежата на ЈП “Водовод” Куманово. Во следните пет часа системот за водоснабдување ќе биде целосно оперативен и сите домаќинства во градот кои се конектирани на мрежата ќе бидат снабдени со вода. Напоменувам: Се до моментот на официјална потврда од “Завод за здравствена заштита” Куманово оваа вода се третира како техничка и истата доколку се користи во исхрана потребно е превентивно да се преврива. За дополнителни информации во текот на денот ќе информира ОШЗС Куманово.” истакна денеска Димитриевски, по настанатата хаварија и нарушениот процес на водоснабдување во Куманово предизвикана од лошите временски услови.
Тој упати извинување до граѓаните и благодарност за разбирањето за настанатата хаварија и нарушениот процес на водоснабдување на градот кој настана поради лошите временски услови, а воедно упати и благодарност до екипите на ЈП “Водовод” кои многу посветено и професионално го санираа овој проблем со водоснабдување на градот.
Претходно се одржа втор вонреден состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој присуствуваа претставници од Општина Куманово, ЈП Водовод, ЈП Чистота и зеленило, Агенција за храна и ветеринарство и Центар за јавно здравје. На состанокот се донесоа следните заклучоци и препораки:
Согласно изложени информации за состојба на вода која пристигнува преку водоснабдителен систем до филтер станица, дека матноста на водата се намалува, едногласно е одлучено дека треба да се пушти вода во водоснабдителниот систем на град Куманово, за техничка употреба. Заради хемиска обработка (хлорирање), истата ќе се пушта постепено. Напомена дека водата не треба да се конзумира без термичка обработка (превривање).
Водоснабдителните системи во висока зона (населба „Карпош“, дел од населба „Перо Чичо“ (Банево Трло) , „Ајдучка Чешма“, нас.„Иго Тричковиќ“ (Пуковско), резервоар кај ул.„Бајрам Шабани“, с.„Черкези’ и нас.„Железничка Станица“, во моментот функционираат засебно и таа вода може да се користи непречено.