Сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, ова е ставот на министерот за економија Крешник Бектеши по случувањата во липковско Слупчане.
Откако мештаните на оваа село крадејќи и опторувајќи ја мрежата предизвикаа дефекти, па не дозволуваа ЕВН да ги санира, мораше да интервенира министерот.
Вели дека проблемот ќе биде надминат денеска и селото ќе добие струја, но потенцира дека сите граѓани мора да си платат за потрошеното.
– Сакам да им порачам на сите граѓани дека електрична енергија мора да се плаќа насекаде. Како што беше и случајот со Арачиново и со други населени места, секој граѓанин треба да плати за потрошената струја, така функционира и пазарна економија и регулирана економија, бидејќи цената на струјата на електричната енергија е регулирана во нашата земја. Целосно сме посветени загубите да бидат минимални, изјави Бектеши.
Тврди дека со интервенција на министерството загубите се значително намалени.
Министерот потенцираше дека разговарал со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи дека ситуацијата во Слупчане ќе биде решена и екипите на Електродистрибуција ќе може непречено да работат на отстранување на дефектите и надградба на дистрибутивната мрежа.
– Разговарав со градоначалникот Арифи, кој заврши одлична работа, колку што имам информација, разговараше со сите населени места, ако треба да помогнеме како Министерство за економија ќе помогнеме, за да излеземе во пресрет на жителите не само во Слупчане туку и во другитенаселени место. Но морам уште еднаш да кажам дека сите граѓани имаат обврска да плаќаат за потрошената електрична енергија“ кажа Бектеши.
При обид нелегално да се приклучат ноќва на мрежата, слупчанци ја оштетиле мрежата дополнително при што уште неколку села во липковско останаа без електрична енергија.
Според ЕВН, само 20 отсто од потрошената струја во селото Слупчане се наплаќа, а остатокот се краде.
Никола Ивановски