Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со видео обраќање учествуваше на промотивниот настан за медиумската кампања ,,Правда за децата“, која е дел од проектот ,,Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата“, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од УНИЦЕФ, а во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика.
Во своето видео обраќање пред присутните, министерот Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи, како партнер во спроведувањето на активностите заедно со другите релевантни чинители, има обврска на сите деца во ризик, во судир со законот, како деца жртви или сторители на кривични дела, да им обезбеди посебна заштита и поддршка и со нив да постапува со посебно внимание, во согласност со нивните права.
„Полициските службеници се првиот и многу значаен контакт што детето го остварува со системот за посебна заштита и правда, и токму првичното позитивно искуство и пристапот на полицијата ќе бидат важен фактор во креирањето на чувство на сигурност и почит кај децата кон институцијата и кон законот, воопшто”, истакна министерот Спасовски, при што додаде дека токму реализацијата на овој проект ќе придонесе за јакнење на капацитетите и вештините на полициските службеници што работат во делот на правда за децата, посебно во делот на реализираните и успешно спроведени обуки за свесноста за траумата на децата и согледувањето на најдобриот интерес на детето како и мултисекторскиот пристап од доживеаната траума.
Министерот Спасовски потенцираше дека реализираните обуки за наставниот кадар од Центарот за обука на МВР ќе придонесат за изготвување на наставни програми кои ќе се темелат на создавање на компетенции насочени кон стекнување знаења, вештини и ставови на полициските службеници кои применуваат полициски овластувања кон деца.
„Превенцијата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните претставува стратешка определба на Министерството за внатрешни работи и има значајна улога во достигнувањето на европските стандарди на полициската работа. Проактивниот начин на решавање на проблеми е движечка сила на превентивното полициско работење, што значи да се реагира пред да се случи инцидент или да се насети можноста за случување на инцидент. Превентивните активности ќе придонесат децата да се изградат во правилни личности, да се ориентираат кон вистинските вредности и да се дистанцираат од девијантните појави”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека Република Северна Македонија, како потписник на Конвенцијата за правата на децата, се обврза да обезбеди исполнување и заштита на правата на децата.
„Тоа вклучува преземање постапки за развивање политики, системи и капацитети, како и ресурси неопходни за промовирање и заштита на правата на децата, со цел усогласување на домашниот правен систем со меѓународните и европските стандарди, а најдобриот интерес на децата е ставен во преден план во секоја фаза од постапките”, објасни министерот Спасовски.
На крајот на своето видео обраќање министерот Спасовски порача дека МВР, како еден од активните учесници во градењето на правичен систем на третирање на децата, како и досега, ќе продолжи со соработката во меѓусекторските тимови на сите засегнати страни, во градењето на сеопфатен систем за детска заштита, со фокус кон давање поддршка на децата во судир со законот и нивна реинтеграција.