Спасовски во Женева оствари билатерална средба со Високиот комесар за бегалци

Сподели со своите пријатели

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на 73. редовна сесија на Извршниот комитет на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации во Женева, каде ја предводи делегацијата од МВР, оствари работна средба со Високиот комесар за бегалци, Филипо Гранди. На средбата беше даден детален осврт на реализираното во изминатиов период, имајќи го предвид партнерството со УНХЦР во обврските кои произлегуваат од Акцискиот план за миграциска политика на земјава, следење и усогласување со законодавството на ЕУ во областа на државјанството, подобрување на состојбите во областа на лица без државјанство, создавање на услови за олеснет пристап до документи за државјаните кои живеат во странство.

Loading...

Министерот Спасовски упати благодарност до Високиот комесаријат и до претставничката на УНХЦР во Скопје, Моника Сандри, за континуираната соработка во делот на државјанството, статусот на бегалците, миграцијата, како и поддршката од Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, со цел зголемување на капацитетот на Секторот за азил преку обуки и материјално-техничка поддршка.

Во однос на Глобалниот пакт за бегалци, како еден од низата клучните меѓународни инструменти на ОН, чија договорна страна е и нашата земја, Спасовски нагласи дека државата континуирано дава силна поддршка, а во изминатиов период беа исполнети добар дел од заложбите, вклучително и усогласување на националното со европското законодавство, усвојување на важни документи од областа на азилот односно миграциите, директиви на ЕУ, кои се во висок степен вградени во националната позитивна легислатива.

На средбата беа поздравени заложбите на државата за зајакнување на управувањето со системот на азил, имајќи предвид дека во текот на пандемијата, Северна Македонија беше меѓу првите што пристапи кон спроведување на интервјуа со баратели на право на азил преку онлајн платформа, со цел зачувување на нивното здравје, а за цело времетраење на вонредната состојба беше обезбеден непречен пристап до постапката за признавање на право на азил, за сите лица кои имаа потреба од меѓународна заштита.

За време на разговорите беа отворени и темите за тековната ситуација со мигрантите, предизвиците поттикнати од конфликтите кои резултираат со раселувања од огромни, па во врска со новите геополитички случувања, министерот Спасовски информираше државата, иако не е на главната евакуациска рута, ја изрази својата хуманост преку прифаќање на украинските бегалци и нивните семејства кои побараа засолниште во Северна Македонија, па од почетокот на кризата до денес се издадени 358 дозволи за привремен престој поради хуманитарни причини, додека досега нема лица украински државјани кои побарале азил на територија на РСМ.

Високиот комесар Филипо Гранди изрази задоволство за можноста да се реализира оваа заедничка средба и истакна дека од страна на УНХЦР се препознаени заложбите и резултатите што Република Северна Македонија ги постигнува во заштитата на правата на бегалците упатувајќи посебна благодарност до министерот Спасовски за прифаќање на украинските бегалци и нивните семејства кои побараа засолниште во Северна Македонија.

Гранди упати благодарност и за успешната финализација на твининг проектот „Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген“ во чии рамки е изготвена Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија, согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување, со што е нотиран значителен исчекор кон зголемено управување со границите и управување со нерегуларната миграција, како заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, и се разбира на УНХЦР.

Двете страни особено позитивно ја оценија досегашната соработка на УНХЦР и Северна Македонија, па во таа насока се разговараше и за тековните програми на Канцеларијата на УНХЦР во земјата и во светот, а министерот Спасовски упати покана до Високиот комесар Гранди, во име на досегашното партнерство и плодната соработка во навремениот одговор на ситуацијата со бегалците, да биде гостин на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, што од страна на Високиот комесар Гранди со задоволство беше прифатена.

Loading...