Спасовски – Де Бол: Ефикасната оперативна соработка со ЕВРОПОЛ продолжува

Сподели со своите пријатели

Денеска, (29.09.2022) делегација од МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна посета на седиштето на Агенцијата на Европската Унија за соработка при спроведување на законот (ЕВРОПОЛ) во Хаг, Кралство Холандија, при што беше остварена средба со Извршниот директор на ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол.

Loading...

Целта на посетата е зајакнување на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, во која нашата држава зема активно учество со својот придонес во тековните активности на агенцијата. Ова е прва посета на министер за внатрешни работи од РСМ на седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг.

Извршната директорка на ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол, посака добредојде на делегацијата на МВР, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и се заблагодари за досегашната успешна соработка, при што упати честитка за добивањето на организацијата на Конференцијата ИНТЕРПОЛ 2023, која е од огромно значење за агенциите за спроведување на законот ширум светот.

„Посебно сакам да го истакнам активниот придонес на нашето министерство во изготвувањето на Извештајот за процена за закани од сериозен и организиран криминал во ЕУ – СОКТА, врз чија основа Советот на ЕУ ги усогласува приоритетите во борбата против организираниот и сериозен криминал”, истакна министерот Спасовски за време на средбата, додавајќи дека со воспоставувањето и проширувањето на пристапот до СИЕНА апликацијата, како безбеден канал за размена на информации до поголем број корисници во рамки на Министерството – меѓу кои и Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, а во иднина и преку Заедничките контакт центри за полициска и царинска соработка, се овозможува интензивирање на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, земјите членки и третите партнери за соработка, како и постојан раст на бројот на иницирани случаи и разменети пораки преку СИЕНА.

Министерот Спасовски информираше дека паралелно се врши и изготвување на СОП (стандардна оперативна процедура) за размена на информации во реално време и Прирачник за обука за размена на информации во реално време поврзани со инциденти од мало и лесно оружје.

„Оваа соработка во континуитет се зацврстува и ги отсликува нашите напори во унапредување на меѓународната полициска соработка, како еден од приоритетите за придонес кон безбедност и стабилност во нашиот регион, како и во земјите на Европската Унија, што понатаму се рефлектира и на глобално ниво”, потенцираше министерот Спасовски и дополнително подвлече дека ефикасната оперативна соработка е овозможена и со директно учество во аналитичките работни досијеа на ЕВРОПОЛ, каде МВР учествува во вкупно десет аналитички проекти, од разни области на криминал.

„Република Северна Македонија преку агенциите кои го спроведуваат законот директно зема учество во EMPACT оперативни активности и како позначајна активност, би сакал да го истакнам учеството на нашата земја во својство на оперативен партнер за соработка при изработка на Оперативни акциски планови. Во фаза на подготовка на Оперативните акциски планови за 2023 година, од голема важност е да се спомене фактот дека за првпат Република Северна Македонија настапува како ко-лидер заедно со Шпанија како лидер во рамки на оперативна активност за криумчарење мигранти“, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски упати благодарност на експертите од ЕВРОПОЛ за презентацијата на можностите при спроведување на истраги поврзани со сериозен и организиран криминал, како едно од бројните позитивни оперативни искуства од соработката со ЕВРОПОЛ. Меѓу другото, министерот Спасовски упати благодарност и до Извршната директорка Де Бол, за отворените можности кои даваат придонес кон зајакнување на соработката со ЕВРОПОЛ и обезбедување безбедност и сигурност на граѓаните на Европа.

Loading...

На средбата стана збор и за справување со илегалната миграција, при што министерот Спасовски истакна дека ефикасното управување со границите, со миграциите и контролата на илегалната миграција вдолж „Западнобалканската рута“ и понатаму е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи, а безбедносната состојба на државните граници на Република Северна Македонија е оценета како стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период.

„Во делот на криумчарењето на мигранти, во периодот од јануари до јули регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи – 57, што е зголемување од 119% во однос на истиот период лани, додека бројот на откриени криумчарени мигранти е зголемен за 141%: откриени се 895 криумчарени мигранти наспроти 371 во истиот период лани, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето на вакви случаи”, информираше министерот Спасовски.

Директорката Де Бол изрази подготвеност за соработка и поддршка во делот на компјутерски криминал и во делот на економски криминал и финансиските истраги во наредниот период, што со задоволство беше прифатено од министерот Спасовски.

Министерот Спасовски, упатувајќи благодарност до директорката Де Бол, изрази силна увереност дека во листата на приоритети на МВР и во наредниот период останува интензивирањето на соработката со ЕВРОПОЛ, преку континуирано активно учество во тековните активности на Агенцијата, со што продолжува несебичниот придонес на нашата држава со сите расположливи капацитети.