Обединетите нации и Пакистан во вторникот апелираа за итна помош од 160 милиони долари за речиси половина милион луѓе раселени поради рекордните поплави во кои загинаа повеќе од 1.150 луѓе од средината на јуни, соопштија официјални лица.
Пакистанските власти со поддршка на армијата, спасувачите и волонтерите се борат со последиците од поплавите кои им се заканија на повеќе од 33 милиони луѓе или секој седми Пакистанец.
Иако врнежите престанаа пред три дена, а надојдените води во некои региони се повлекуваат, големи површини се уште остануваат под вода.
Спасувачите ги евакуираа загрозените луѓе на побезбедни места, вклучително и импровизирани шатори поставени надвор од автопатиштата, поплавени села и градови.
Судејќи според владините проценки, уништувањето нанесе штета на економијата во вредност од 10 милијарди долари.
– Тоа е прелиминарна проценка која на крајот ќе биде многу повисока – изјави министерот за планирање Ахсан Икбал за Асошиетед прес.
Неговите коментари дојдоа пред Обединетите нации и Пакистан да упатат апел за помош во Исламабад.
Еден ден претходно, Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд го одобри ослободувањето на толку очекуваните 1,17 милијарди долари за Пакистан.
Пакистан и ММФ првично се согласија за голем пакет помош во 2019 година.
Ослободувањето на траншата од 1,17 милијарди долари, сепак, беше ставено „во мирување“ бидејќи ММФ изрази загриженост поради усогласеноста на Пакистан со условите од договорот под владата на поранешниот премиер министерот Имран Кан, кој беше сменет од функцијата кога му беше изгласана недоверба во парламентот во април.