Вкупно 118 случаи на грип биле регистрирани во текот на втората недела од 2025 година во Центарот за јавно здравје Куманово.
– Во текот на 2-ра недела од 2025 година (06-12.01.2025), во Република Северна Македонија се пријавени 1.053 случаj на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 3,2 пати повеќе во споредба со претходната недела, информираат од Институтот за јавно здравје.
Заболените, како што додаваат, се пријавени од 24 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 305, Дебар – 134, Куманово – 118, Тетово и Гостивар – по 66, Кавадарци – 62, а во останатите, бројот на заболени е под 50.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 2-ра недела од минатата сезона (n=1.182) е намален за 10,9%, а во споредба со бројот за 2-ра недела од типичната епидемиска крива зголемен е за 16,4%.
Во текот на 2-рата извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа 53 материјали од рутинскиот и сентинел надзорот за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за Influenza, SARS-CoV-2 и/или RSV. Притоа, детектирани се 26 позитивни случаи на Influenza, 14 Influenza А(H3), 9 А(H1)pdm09 и 3 Influenza B/Victoria. Регистрирани се 7 пациенти со респираторен синцицијален вирус (RSV) и еден пациент со SARS-CoV-2.
За прв пат оваа сезона, пријавената инциденца е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=26,12/100.000), односно надминат е прагот на влез во сезоната на грип.
Во однос на возрасната дистрибуција, 633 лица се на возраст од 15-64 години, 179 кај деца на возраст од 5-14 години, 144 кај деца на возраст од 0-4 години и 97 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (149,2/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, а кај децата од 5-14 години инциденцата изнесува 83,3/100.00.
Никола Ивановски